Нови лаборатории за ФИНКИ од владиниот проект
Четири нови лаборатории опремени со високо софистицирана опрема денеска доби Факултетот за информатика и компјутерстко инженерство во Скопје, чија вредност е над 1,5 милиони евра, а претставуваат дел од владиниот проект вреден 60 милиони евра.
На свечено пуштиме во употреба придружуван од министерот за образование и наука Панче Кралев присуствуваше премиерот Никола Груевски, кој истакна дека овие лаборатории заедно со останатите што претходно се набавени и оние што влегуваат во овој пакет, овој Факултет ќе биде еден од најопремените факултети во регионот во ЈИЕ во конкуренција на другите вакви факултети.
- Со набавките на овие лаборатории правиме една би рекол револуционерна работа за сите универзитети во Македонија. Ја приближуваме науката многу понапред од тоа што беше претходно, даваме одлични можности за луѓе кои што сакаат да се занимаваат со наука, одлични можности за студентите, за професорите и за бизнисот затоа што бизнисот досега за вакви цели одеше во Хрватска, во Словенија, Бугарија, Германија, Австрија. Оваа инвестиција е и една од најголемите инвестиции во делот на образованието и науката, особено во делот на науката споредено со целиот изминат период на независноста на Република Македонија, посочи премиерот Груевски.
Тој подвлече дека бизнис-секторот веќе почнал директна соработка со ФИНКИ на комерцијална основа, така што лабораториите ќе бидат и еден вид дополнителни приходи за факултетот со кои ќе може да инвестира во нова опрема и во научни цели.
Станува збор за лабораторија за пресметување со високи перформанси, лабораторија за мобилни и мултимедиски апликации, серверска лабораторија и лабораторија за грид, паралелно и дистрибуирано процесирање.
Лабораторијата за пресметување со високи перформанси ќе се користи за масивно пресметување и пресметување со високи перформанси, кое ќе може да се користи од сите научници во Македонија за истражувања во сите научни полиња каде е потребна голема процесирачка моќ како: физика, сеизмологија, метеорологија, хемија, молекуларна биологија, роботика, техника...
Лабораторијата за мобилни и мултимедиски апликации е поткрепена со учество и поддршка на меѓународни и локални истражувачки проекти како што се: градење видеоконференциска инфраструктура на универзитетите во Република Македонија и поврзување на таа мрежа во европската инфраструктура.
Грид технологијата претставува поддршка на иновативните истражувања и овозможува соработка на дистрибуирани тимови на научници низ светот. Целта на проектите е доближување до европските научни текови и воспоставување регионална мрежа на научници кои ќе можат успешно да творат во своите држави.
Серверската лабораторија на ФИНКИ, пак, ќе игра улога на централен сервис за сите научни лаборатории при факултетот.
Опремата ќе може да ја користат сите факултети во Република Македонија бесплатно, а приватниот сектор со минимален надомест.