Николоски од Обединетите Арапски Емирати: Македонија нуди услови за отворање на добро платени работни места, фокус на соработката во инфраструктурата, туризмот и образованието

Туризмот, инфраструктурата, образованието се секторите на кој се фокусираме на соработка со Обединетите Арапски Емирати. Имаме бројни средби во овие неколку дена, ќе потпишеме неколку договори за економска соработка, а се обидуваме да договориме уште најмалку два лета со Ер Арабиан, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на официјалната владина посета на Обединетите Арапски Емирати.

Во продолжение интегралната изјава на вицепремиерот Николоски:

“ Ја продолжуваме посетата на Обединетите Арапски Емирати. Делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицскоски денес остварува средби со бизнис коморите во двата големи емирати, емиратот Шарџ и емиратот Дубаи. Зборуваме за можностите за инвестиции во Македонија во делот на инфрструктурата, туризмот, во делот на земјоделието. Зборуваме за големите можности што ги носи туризмот во Македонија и планинскиот и езерскиот. Исто така за коридорите 8 и 10 кои се значајни за поврзување за цела Европа, не само за Македонија, ги презентираме пред стопанските комори во Обединетите Арапски Емирати како начин да привлечеме инвеститори во Македонија.

Исто така и политичкиот дел на посетата е исклучително значаен, имавме исклучително добра средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, во текот на утрешниот ден ќе имаме средба со Премиерот, а денес на ниво на министри ќе бидат потпишани неколку значајни договори за економска, образовна и туристичка соработка, што ќе придонесе за уште побрз развој.

Зборуваме и за директно спојување, веќе имаме договор со ФлајДубаи за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со Ер Арабија за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон охридскиот регион како дополнително би се развил туризмот.

Со овие средби се надеваме дека ќе се привлечат инвеститори во Македонија, ќе се отворат нови добро платени работни места и државата може да напредува“ – изјави вицепремиерот Николоски.