Реализирано првото гаѓање со новата артилериска опрема ,,Боран’’ на АП Криволак

Денеска( 9 октомври) министерот за одбрана, Владо Мисајловски присуствуваше на армискиот полигон ,,Криволак’’ каде беше извршено првото артилериското гаѓање со новите системи „Боран“, кои се дел од процесот на модернизацијата и опремување на македонската Армија, а беше презентирана и новата набавка на воено-теренска униформа за армиските припадници.

На активноста на која што присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски, амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој и останати високи претставници од Армијата и министерството, министерот Мисајловски истакна дека денешното прво гаѓање и ставање во употреба на овие артилериски орудија значи и зајакнување на борбената готовност на Армијата.

Министерот Мисајловски во рамки на денешната активност дополнително информираше: „набавени се околу 4.000 комплети за воено-теренска униформа, од заедничкиот билатерален договор што го имаме потпишано со Турција, кој преку 2,5 милиони долари директно ќе бидат дадени за Министерството за одбрана, односно директно за Армијата“. Тој уште еднаш упати благодарност за поддршката на сојузничката поддршка од Турција и нагласи дека во тек се и други набавки кои се дел од Договорот за воено-финансиска соработка со Турција.

Хаубиците „Боран 105 мм“ се дел од декларираната батерија на Артилерискиот баталјон која е составен дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Набавката на ова средство со кое се исполнува НАТО целта за опрема и муниција за индиректна огнена поддршка, претставува важен чекор во реализацијата на исполнувањето на обврските од пакетот на НАТО цели на способности утврдени во 2021 година и потврдени со новиот пакет за 2025 година.