Груевски: Македонија подготвена за интензивни разговори за решавање на спорот со Грција

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (среда, 25.07.2012 година) оствари средба со Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации, г-динот Бан Ки Мун.

На средбата беше разговарано за прогресот на Република Македонија и за спроведените реформи во областите од значење за земјата.

Премиерот Груевски потенцираше дека нема да се штедат напори да продолжат реформите и модернизацијата во сите сфери од интерес на граѓаните.

Генералниот секретар изрази позитивна оценка за напредокот на Република Македонија и го поздрави и вреднуваше постигнатиот прогрес на земјата.

Во однос на македонско-грчкиот спор премиерот Груевски изрази подготвеност за продолжување на динамизирани разговори со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот со Грција, во случај доколку Грција во блиско време да може да најде простор за разговори и одлука, а ако Грција тоа не го стори, се потенцираше потребата да се деблокираат процесите преку почитување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и Времената спогодба од 1995 година.

Премиерот Груевски, осврнувајќи се на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој што е орган на Обединетите нации, констатираше неопходност од почитување на владеењето на правото, подеднакво од сите и без ексклузивитет, и апелираше за доследно вреднување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, од страна на земјите членки на Обединетите Нации. Премиерот Груевски истакна дека непочитување на пресудата на Судот во Хаг е непочитување на Обединетите нации, кои се основачи на Судот, и апелираше до Генералниот секретар да вложи напор да го одбрани кредибилитетот на Судот, а со тоа и на Обединетите нации.

И покрај различните идеи, како на пример барање за нов прием на Република Македонија под уставно име во Обединетите нации, или отворање на нова постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но и на користење на други форми и механизми на Обединетите нации, премиерот Груевски истакна дека негов фокус засега се активности за што е можно побрзо изнаоѓање на решение на овој децениски спор со посредство на Обединетите нации, за што се неопходни волја и одлучност и на Грција, кои засега отсуствуваат.


Премиерот Груевски ја изрази својата подготвеност за директни средби на различни нивоа со колегите од Република Грција, а во интерес на унапредување на дијалогот и градење на позитивна атмосфера, но и за дискусија за различни иницијативи кои би оделе во насока на создавање на добар амбиент меѓу двете земји.

Премиерот Груевски, потсети на извештајот на г-ѓата Геј Мекдугал, специјален претставник за човекови права на Генералниот секретар на ОН, кој се однесува на состојбата на македонското малцинство во Грција, а кој е направен по нарачка на Генералниот секретар Бан Ки Мун, а како резултат на барањето на премиерот Груевски истакнато во писмото до господинот Бан Ки Мун во 2008 година, и апелираше до Генералниот секретар за согледување на препораките и заложба за почитување на правата на македонското малцинство во Грција, како и правата на лицата раселени после Граѓанската војна во Грција.

Во овој контекст премиерот Груевски се заложи за правата и признавањето на македонското малцинство во Грција, неговите основни човекови права, пред се образовни и културни, како и правата на лицата раселени после Граѓанската војна во Грција, преку враќање на нивните имоти, можноста за двојно државјанство и слободно движење.

Минатонеделниот случај на неможноста за премин на границата на претседателот на граѓанското здружение на лицата иселени од Грција по Граѓанската војна во Грција, само потврдува дека се уште овие проблеми се актуелни и објективни, проблеми кои се впрочем потенцирани и детално опишани во споменатиот извештај на г-ѓата Мекдугал.

Соговорниците изразија заложби за почитување и спроведување на милениумските развојни цели, како и за поддршка на сите иницијативи кои ќе одат во насока на промовирање и афирмирање на овие цели, што е од значење не само за Република Македонија, регионот, туку е и од поширок универзален интерес.