Пуштена во работа ХЕЦ Света Петка
Премиерот Никола Груевски и генералниот директор на АД „Електрани“ на Македонија Влатко Чингоски денеска официјално го означија почетокот на работењето на новиот хидроенергетски капацитет ХЕЦ „Света Петка“.
Во изградбата на хидроелектраната искористени се висококвалитетни градежни материјали и најмодерна техника и технологија со што се обезбедува високо технолошко ниво на опременост, минимални трошоци за одржување, сигурен систем и висока стапка на искористеност. Целокупната инвестиција за овој проект изнесува околу 75 милиони евра со што е една од највредните инвестиции во делот на искористување на енергетскиот потенцијал на земјата.
- По многу напор и заложби на сите инволвирани фирми и државни институции и по повеќегодишна макотрпна работа големиот инфраструктурен проект „Изградба на хидросистем Света Петка“ стигна до својата завршница, истакна премиерот Груевски.
Во овој проект, како што рече покрај раководството и вработените во ЕЛЕМ беа инволвирани главниот изведувач словенечката компанија „Рико“ и подизведувачите „Бетон“ и „Гранит“.
- Браната е изградена, Езерото почнува да се полни и системот е подготвен да се стави во функција на енергетските потреби на нашата држава. Алката која недостасуваше за оптимално искористување на хидропотенцијалот на реката Треска денеска веќе е поставена. Инсталираната моќност на хидроцентралата е 36,4 мегавати и годишно производство од околу 66 гигавати електрична енергија. Со изградбата на хидроелектричната централа Света Петка целосно се поврзува повеќенаменскиот хидросистем Скопско поле, во кој освен оваа централа влегуваат и ХЕЦ Козјак и ХЕЦ Матка, рече Груевски.
Тој истакна дека изградбата на оваа хидроцентрала постави и нови стандарди во полето на изградба на хидроенергетски капацитети, како за Македонија така и за поширокиот регион.
- Годинашното празнување на 2 Август - Илинден е под девизата „Борбата за Македонија - никогаш не запира“. И навистина предизвиците со кои се соочува нашата земја исто како во минатото, така и денес, се бројни, комплексни, тешки и сложени. Водиме битка за повеќе вработувања, повеќе инвестиции, повеќе спортски игралишта, повеќе матуранти кои ќе се запишат на факултет, битка за подобро образование, подобро здравство, подобро земјоделство... Во сите тие приоритети еднаква по ранг е битката за енергетска независност и што поголем број проекти за ревитализација проширување и зајакнување на македонскиот енергетски систем. ХЕЦ Света Петка е дел од таквата стратегија, потенцира премиерот Груевски.
Тој образложи дека дел од оваа стратегија беа и отворањето на првата државна когенеративна електрана, производствениот капацитет „енергетика“, отворањето на новиот Диспечерски центар за планирање, координирање и управување со произвдоството на електрична енергија на ЕЛЕМ, отворањето на површинскиот коп Брод - Гнеотино, изградбата и пуштањето на новиот БТО - Систем, како и отворање на јагленокопот Суводол, изградба и пуштање на новиот транспортен систем за јаглен од рудникот „Брдо-Гнеотино до рудникот Суводол... Дел од таа стратегија како што рече се и проектите за изградба на новите хидроцентрали Бошков Мост и Луково Поле, проектот за ревитализација на шест веќе постоечки хидроцентрали во Македонија, проектот за изградба на Паркот на ветерници во Богданци, проектот за модернизација и автоматизација на РЕК Битола и други проекти.
- Сите овие проекти се белег на денешното време на денешните генерации, на денешната борба за подобра иднина на Македонија. Сите овие капацитети се симбол на нашата посветеност да оставиме големи дела на нашите деца, на нашите внуци и на идните генерации... Нашата работа и проекти на ова поле продолжуваат, а придобивките се на сите граѓани на нашата држава, истакна премиерот Груевски.
Директорот Чингоски потенцира дека со ставањето во функција на овој објект ние како држава стануваме уште побогати и од технички и од енергетски и од економски аспект.
Хидроелектраната Света Петка како дел од повеќенаменскиот хидросистем Скопско Поле подсистем Козјак-Матка како што рече Чинговски има основна задача да го искористи хидренергетскиот потенцијал на истечните води од хидроелектрана Козјак и локалните води од сливот на реката Треска. Оваа акумулација треба да овозможи постојано пререгулирање на дневните истечни води од хидроелектраната Козјак. Хидроелектраната Света Петка фактички функционира како проточна хидроелектрана меѓу хидроелектраните Козјак и Матка.
- Електраната е целосно автоматизирана и со користење на вградената модерна телекомуникациска и процесна опрема нејзината работа може да се набљудува и да се контролира далечински од кое било место, како од производниот диспечерски центар на АД ЕЛЕМ во Скопје , така и од НДЦ на АД МЕПСО. Оваа брана со висина од 64 метри и со волумен од речиси 30 илјади метри кубни бетон претставува двојно закривена тенка лачна брана и како таква е прва и единствена брана од овој тип изградена во Македонија, рече Чингоски и додаде дека тоа налагало во нејзината изработка да бидат искористени специјални материјали.