Формиран Национален координативен механизам за прашања поврзани со социјалното вклучување
Во борбата со сиромаштијата и социјалната исклученост потребна е меѓуресорска соработка. Според тоа, Владата на својата последна седница одлучи и формираше Национален координативен механизам или Национално координативно тело за прашања поврзани со социјално вклучување во Република Македонија.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Со тоа, како што рече, ќе се обезбеди мандат и политичка во спроведување на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.
Ристовски информира дека е формиран Совет за намалување на сиромаштијата и социјалната икслученост во кој ќе членуваат повеќе министри, кои ќе водат координирана политика на полето на социјално вклучување. Формирана е и Национална оперативна група за намалување на сиромаштија и социјална исклученост, составена од државни службеници кои на конкретни предлог-мерки и политики ќе развиваат програми со цел подобра координација и имплементација на мерките и активностите.
- Во целост ќе се фокусираме на задоволување на потребите на граѓаните и ќе сториме се помошта да стигне онаму каде што навистина е потребна, заклучи Ристовски.
Тој потсети на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост 2010-2020 година што Владата ја донесе, а има за цел зголемување на благосостојбата на граѓаните во Македонија, без оглед на нивниот социјален статус.
- Со проблемот на социјалната вклученост се бориме на два фронта: образование и вработување. Образованието и вработувањето се двете алатки преку кои настојуваме да го прекиниме трансгенерациското пренесување на социјалната исклученост и сиромаштијата што е карактеристично за социјално загрозените семејства, рече Ристовски.
Имајќи предвид дека образованието влијае на сиромаштијата, Ристовски потсети дека Владата воведе мерка за задолжително средно образование, проект за условени парични надоместоци за средношколци, бесплатни учебници и бесплатен превоз за учениците, бесплатно сместување во студентските домови за децата од социјално загрозените семејства.
- Овие мерки ги надополнивме и со субвенционирање на потрошувачка на енергија која во овој момент ја користат над 20 илјади домаќинства. Досега обезбедивме над 340 социјални станови, отворивме 41 народна кујна, ја спроведуваме Програмата за бањско-климатска рекреација за пензионери кои имаат најниски пензии, истакна Ристовски.
Во однос на мерките за вработување, како што напомена, во рамки на Оперативниот план спроведуваме поголем број мерки со кои се очекува зголемување на инклузивниот раст, специјално насочен кон ранливите групи.