Со грант од холандската Влада ќе се реконструираат родилиштата
Со грант од осум милиони долари обезбеден од холандската Влада ќе се реконструираат родилиштата во Македонија и ќе се зајакнуваат патронажната здравствена служба и здравствените центри за имунизација.
Планирано е проектот за воспоставување интегриран систем за подобрување на заштитата на здравјето на мајката и детето познат уште како ОРИО проект да се реализира во две фази. Првата фаза ќе трае шест месеци кога ќе се направи детална анализа на сите породилишта, патронажни служби и центри за имунизација, а во втората фаза, која ќе трае 2,5 година, предвидена е неговата имплементација.
Со имплементацијата се очекува целосно реновирање и опремување на сите породилишта во државата, набавка на 75 теренски возила за патронажната служба и центрите за имунизација, обновување на опремата за чување и транспорт на вакцини и набавка на медицинска опрема за патронажните центри и центрите за имунизација.
Договорот за реализација на проектот денеска го потпишаа министерот за здравство Никола Тодоров и холандската амбасадорка Мариет Шурман.
- Сигурен сум дека со помош на ОРИО проектот ќе ја подобриме состојбата во сите родилишта во Република Македонија, но и состојбата со имунизацијата и патронажните служби затоа што со развојот на патронажната служба практично ставаме фокус на превентивата со која се подобрува квалитетот на здравствената заштита и квалитетот на живот, што претставува и зголемување на животниот век на населението, истакна министерот Тодоров.
Холандската амбасадорка изрази надеж дека со реализацијата на овој проект ќе се подобри заштитата на мајките и децата и ќе се намали стапката на смртност. - Најважниот резултат е намалување на стапката на смртност на мајки и деца кои умираат во текот на породувањето со што Македонија ќе се приближи кон европскиот просек, рече Шурман.
Во Македонија смртноста на бебиња е блиску до европскиот просек и во 2011 година изнесуваше 7,6 умрени на 1.000 живородени деца. Изминатата година нема податоци од болниците за матерална смрт.