Ѓорѓиев: Подвижни канцеларии за ефикасни услуги на земјоделците

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев


Почитувани,    


Овозможувањето на поголема достапност на владиниот сервис, близок контакт со народот и постојаното присуство на терен е една од основните карактеристики во работата на Владата. Се реализираат постојани посети на сите општини и населени места, трибини и средби, отворени денови на институциите, денови на идеи.

Продолжувајќи го стилот на отвореност, Владата одлучи да реализира уште еден проект за поголема достапност на услугите со специјален фокус на земјоделството.

Владата одлучи да започне со реализација на Проектот „365 дена подвижна  канцеларија за земјоделците”. Тој предвидува директна теренска посета и комуникација со земјоделците во нивните средини. Осум специјални комби возила, опремени како подвижни канцеларии, ќе ги посетат сите населени места каде што има земјоделци. Наместо во канцеларија, вработените од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство директно на терен, блиску до земјоделците, ќе пружаат помош на земјоделците.

Ова значи, заштеда на времето и ресурсите на земјоделците, намалување на нивните трошоци, унапредување на непосредниот контакт, брз и ефикасен сервис за нив и почит за нивната работа.

Осумте нови специјализирани комби возила се веќе обезбедени, тие се соодветно обележани и опремени со канцелариски материјал и компјутерска опрема, со материјали потребни за земјоделците.

Во следните денови ќе бидат дефинирани месечни агенди за посета на населените места. Истите ќе бидат објавени во текот на месец август, и тоа во секое населено место посебно на огласни табли или фреквентни места, а и преку средствата за јавно информирање. Така земјоделците ќе бидат запознаени кога подвижната канцеларија ќе дојде во нивното место, ќе може да одвојат време и да завршат добар дел од работите, без да одат во подрачните единици, и ова е голем чекор за нив.

Овие подвижни канцеларии од крајот на август или почетокот на септември ќе започнат со посета на населените места. Врз основа на агендите секој работен ден во периодот од 8:30 до 16:30 часот, ќе посетуваат и ќе работат во најмалку едно населено место, некогаш и во повеќе, а некогаш и во подолг период од денот.

Во секоја подвижна канцеларија ќе работат по две до три лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а согласно спецификите на населеното место во нивната работа би биле вклучени и вработени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот  инспекторат  за земјоделство и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Во овие канцеларии заинтересираните граѓани и земјоделците ќе можат да се информираат и да завршат работа поврзана со: проектите и програмите за поддршка на земјоделството, поднесувањето на барањата за финансиска поддршка, доделувањето на државно земјоделско земјиште, работата на останатите институции од областа на земјоделството, да поднесат документи до Министерството, да добијат совет, и се разбира да решат одреден проблем со кој се соочуваат...

Со ова како Влада, излегуваме во пресрет на барањата на земјоделците, овозможуваме поголема достапност на државните службеници до граѓаните, го олеснуваме процесот на комуникација на граѓаните со институциите, заштедувајќи при тоа време и средства, а истовремено го продолжуваме и
континуитетот на постојана комуникација со граѓаните.

Овој проект е дел од низата проекти кои се произлезени од комуникацијата со земјоделците и здруженијата на земјоделци, проект кој сметаме дека дополнително ќе го подобри процесот на информирање на земјоделците и процесот на пружање на услуги, додавајќи нова и дополнителна димензија на досегашната успешна комуникација со земјоделците во Република Македонија.