Јубилејната конференција „АРМ 1992-2012-Формирање, развој и предизивици“
Професионализацијата на Армијата е најуспешниот проект на македонската одбрана, а нејзиното преиспитување, ревидирање или какви било промени во периодот кога се видливи придобивките од неа ќе значи откажување на реформскиот процес и отстапување од дефинираната формација на АРМ и од концептот на одбраната на Република Македонија.
Ова е пораката што ја упати министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска на јубилејната конференција „АРМ 1992-2012-Формирање, развој и предизивици“ што се одржа денеска во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија.
Денес 20 години од формирањето на АРМ, потенцира во обраќањето Бесими, значајно е подобрена соодветната и правична етничка застапеност во воениот персонал. Од 2-3 проценти во 2001 година, посочи тој, оваа година застапеноста на припадниците од немнозинските етнички заедници е 25 проценти во сите нивоа на АРМ.
- Членството во НАТО и во ЕУ претставува силен мотивирачки фактор и за сеопфатните безбедносни реформи во Република Македонија. Македонија е целосно подготвена за преземање на обврските и одговорностите како членка на Алијансата. Гледано од перспектива на РМ, НАТО е клучниот столб на современт евроатлантска безбедносна архитектура, рече меѓу другото министерот за одбрана Бесими.
За началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајот Горанчо Котески ако накратко се резимира 20 годишниот развој на АРМ, може да се оцени како повеќе од успешен во сите облсти од нејзиното функционирање.
Еден од најзначајните факти, според него, е дека АРМ како највитален субјект на единствениот одбранбен систем на Република Македонија, во изминатиот период, потенцира, успеа да се етаблира во сериозен чинител и гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.
- Убеден сум дека е многу блиску и денот кога Република Македонија ќе стане полноправна челнка на НАТО, што денес веќе претставува реалност. АРМ стана респектиран и посакуван партнер насекаде во светот каде меѓународната заедница прави напори да го зачува мирот и безбедниста, нагласи началникот на ГШ на АРМ, додавајќи оти останува обврската за натамошно јакнење на моралот, стандардот на припадниците на АРМ, како и на борбената готовност на Армијата воопшто.
Претседателот на Здружението на ветерани и резервисти генерал-мајор во пензија Илија Николовски констатира дека имаме модерна и професионална Армија со висок степен на обученост од која постојано излегуваат ветерани и резервисти.
АРМ спроведе повеќе процеси на трансформација во изминатите 20 година, но не сите биле и успешни, истакна генерал-потполковник Мирослав Стојановски, поранешен началник на ГШ на АРМ, укажувајќи оти се случувало и работи кои ги попречувале тие процеси, кои не секогаш се извршувале и во идеални и поволни услови. Но, благодарение на пред се лојалниот и професионалниот однос на припадниците на Армијата, потенцира, се амортизираа тие неповолни влијанија и АРМ излезе многу појака и го издржа тој временски тест.
- Ова што денеска го имаме претставува еден компромис меѓу она што значат внатрешни потреби на РМ, да може Армијата да ги исполни мисиите пропишани со Уставот и законите и од друга страна да биде она што одговарана на барањата на нашите сојузници во НАТО во делот што бара интероперативност и стандардизација, изјави поранешниот началник на ГШ на АРМ, Стојановски.
На новинарско прашање зошто за АРМ се уште е табу тема 2001 година, Стојановски е дециден дека токму по 2001 година многу појасно е дефинирана иднината на Армијата во насока на тоа што сакаме да направиме, а паралелно, подвлече, дадовме придонес и во политичките напори за враќање на довребата помеѓу различните етнички заедници во Република Македонија.
За првиот началник на ГШ на АРМ, Митре Арсовски, АРМ е една од најобучените, но од исклучителна важност е резервниот состав, а основен стратегиски постулат, рече, е дека резевите ја бранат државата. Ќе мора да се пополнува резервната Армија, но ќе мора, исткна, да се размислува со што односно да се бараат млади кадри.