ФИНКИ ќе ги интегрира во еден систем сите електронски сервиси на МОН
Сите електронски сервиси во основното, средното и во високото образование ќе бидат интегрирани во еден централен систем и учениците, студентите и наставниците ќе имаат полесен пристап и побрзо и подобро ќе може да ги искористат електронските услуги што им ги нуди Министерството за образование и наука.
Во електронскиот систем ќе бидат интегрирани 20-ина сервиси колку што ги има сега, како Е-дневник, видеоагрегатор, Наука.мк, Плагијати, Стипендии ..., а во иднина тој ќе се збогатува со нови сервиси. Системот ќе го направи Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој со Министерството за образование и наука го официјализираше меморандумот за соработка.
Договорот опфаќа и соработка во други области, меѓу кои и надградување на системот за откривање плагијати, за да може секој и во секое време анонимно да пријави туѓ труд и да биде објаснето од каде е тој преземен.
- Овие системи досега функционираа одделено, но по анализите кои ги спроведе ФИНКИ на барање на МОН дојдовме до заеднички заклучок дека е потребно системите да бидат интегрирани со цел да се поедностави пристапот до нив од страна на корисниците. Тоа ќе значи дека тие со единствен пристап - лозинки и кориснички имиња, преку една платформа да пристапуваат до различните системи кои ги нуди МОН, а кои се поврзани со нивната дејност, рече министерот Панче Кралев.
Деканот Димитар Трајанов појасни дека централизираниот систем што ќе го развие ФИНКИ ќе функционира така што корисникот уште кога влегува во образовниот систем ќе добие свој идентификациски број со кој ќе има пристап за користење на сите електронски сервиси. Системот ќе се изгради врз основа на искуствата на ФИНКИ кој ги има интегрирано сите електронски услуги.
-Тоа е значаен чекор што ќе придонесе за многу поголема искористеност на електронските сервиси. На тој начин ќе влеземе во електронизација на образованието и тоа ќе дојде на рангот на сите современи европски образовни системи, рече Трајанов.