Национален систем за закажување - крупна реформа во македонското здравство

Од идната година матичните лекари ќе им ги закажуваат на пациентите потребните прегледи и интервенции во клиниките и болниците директно, на интернет, преку електронски систем.

Ова е предвидено со Правилникот за електронско закажување прегледи и интервенции што го донесе Министерството за здравство. Правилникот како пилот ќе стартува на 1 декември годинава, а официјално ќе почне да се спроведува од 1 јануари 2013.

- Целта на ваквата реформа е да се смени досегашната организација и функционирањето на македонскиот здравствен систем во овој дел, како и перцепцијата на хаос од страна на пациентите,  но и да се намали времето на чекање пред шалтерите од сегашните пет до шест часа на 15 до 20 минути, рече денеска ресорниот министер Никола Тодоров.

Со системот, додаде, ќе се добие и целосна предвидливост на обемот на работа на лекарите.

Согласно Правилникот, матичниот лекар ќе го отвори системот и ќе му каже на пациентот во која здравствена установа има слободен термин за одреден ден, во колку часот и кај кој лекар. Пациентот, зависно како му одговара, ќе одбере каде и кога сака да оди, односно да закаже преглед. Докторот од секундарната здравствена заштита, пак, секое утро го отвора системот и го чита распоредот на закажани пациенти, знае однапред колку се на број.

Закажувањето услуги на терциерно ниво ќе биде по истиот принцип. Системот е многу едноставен и меѓу другото, како што напомена Тодоров,  овозможува откажување или презакажување термини преку телефон, СМС пораки и електронска пошта. Со него ќе располагаат сите лекари, од примарното, секундарното и терциерното здравство.

Интервенциите во терциерното здравство ги закажува лекарот самостојно при што го наведува и нивното времетраење.

Според министерот, граѓаните кога одат во некоја здравствена установа многу често се соочуваат со долго чекање или со организација што не е на задоволително ниво, а причината за тоа се два феномена кои зависат главно од менталитетот на здравствените работници и на пациентите.

- Многу често здравствените работници ги закажуваат сите пациенти во исто време. Тоа создава тензија кај нив, но и кај лекарите што, потоа, го намалува квалитетот на услугата. Од друга страна, исто така многу често, добар дел од пациентите наместо во закажениот термин, доаѓаат порано, го занемаруваат фактот дека чекаат зашто не дошле во закажаното време, што повторно создава револт. Ова е карактеристично за речиси секоја здравствена установа, и на секундарно и на терциерно ниво, но е и една од најголемите причини за перцепцијата на хаос, целосна неорганизираност и долгото чекање  пред вратите на здравствените установи, посочи министерот.  

Оттука, потенцира, новиот систем е сериозен начин да се промени организацијата и перцепцијата за нашиот здравствен систем. Македонија не е ништо помалку од другите земји во кои ваквиот принцип на работа во здравството е одамна прифатен и функционира.