Доделени првите сертификати за ИТ проценители
Граѓаните и фирмите кои ќе имаат потреба од проценка во областа на информатичката технологија во иднина ќе можат да се обратат кај овластени проценители.
Првите сертификати и уверенија за посетувана обука и положен испит за проценители од областа на ИТ ги додели денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Дваесет кандидати во текот на мај годинава посетуваа обука и се запознаа со законот, методологијата и извештајот за процена, а во јули полагаа стручен испит. Обуката и испитот ги спроведе Комисија чии членови беа избрани од редовите на истакнати универзитетски професори и лица кои дале придонес во развојот и вршењето процена.
Според министерот Ивановски, откако ќе се регистрираат за проценителска дејност, со минимум двајца вработени со уверение, или трговец-поединец, нив МИОА ќе ги лиценцира за проценители. Следните обуки за проценителите ќе бидат организирани во септември.
Ивановски се надева оти ќе се пријават поголем број граѓани бидејќи, како што истакна, проценителската е нова дејност во Македонија и е многу значајна затоа што сите граѓани и правни лица на кои ќе им биде потребно од која било причина да набават услуга за проценка на вредноста на ИТ ќе мора да се обратат кај регистрираните компании за таа намена.
- Проценките во областа на ИТ најчесто ќе ја бараат правните лица при определени трансакции, односно купопродажби, ликвидации, стечаи и извршни постапки, а граѓаните исто така имаат потреба од проценител доколку го вложуваат предметот за проценка за почнување бизнис, појасни Ивановски.
Цената на услугите за процена се утврдени со методологија, а нивниот износ зависи од предметот. Обуките и уверенијата за проценители од областа на информатички технологии МИОА ги спроведува врз основа на Законот за процена што беше донесен во 2010 година. Такви активности Министерството ќе спроведува се до формирање на овластена комора за таа намена. Според Законот, МИОА изготви методологија за процена на информатичка технологија и повеќе правилници за формата и содржината на уверението за положен стручен испит, на лиценцата за процена, како и за формата на збирниот регистар на комората на проценувачи.