Најчести жртви на семејно насилство се жени со пониско образование од рурални средини
Во Македонија 60 проценти од жртвите на семејно насилство се женски лица на возраст меѓу 30 и 64 години, а 80 отсто од нив се невработени со средно или основно образование. Процентот на лицата кои биле жртви на насилство е повисок во руралните средини иако најголем број од насилствата се пријавени во урбаните средини.
Ова го покажуват резултатите од националното истражување на состојбите на семејно насилство во домаќинствата спроведено во рамките на програмата „Зајакнување на националните капацитети за спречување на семејно насилство 2008-2012“ што ја спроведуваат македонските надлежни институции во соработка со УНДП, извршено во март и април годинава врз репрезенативен примерок од 2.100 лица на вораст над 15 години на територијата на цела Република Македонија. Дури 33,7 од анкетираните се изјасниле дека врз нив било извршено некој вид на семејно насилство.
Во истражувањето биле пријавени само 18 случаи на сексуално насилство. Од нив 78 отсто биле на возраст од 30 до 64 години, 67 отсто од руралните средини, 83 отсто невработени, а 67 отсто со основно или помало образование од основно.
Мнозинството од сторителите на насилство (62 отсто) се мажи, но има и жени, особено свекрви и сопруги. Од сторителите 56 отсто се спорузи или сопруги, а 10 отсто отпаѓаат на дуги членови на семејството. Во однос на сексуалното насилство, прашање упатено само до жените, 100 проценти од извршителите се сопрузи или поранешни интимни партнери.
- Главната цел на ова истражување беше да се добие сеопфатна анализа на семејното насилство вклучително и причините, видовите, инциденцата, преваленцата и зачестеноста со што би се креирале соодветни политики кои се засновани на факти. Се прибраа податоци за бројот на инцидентите на насилство сторени во рамките на специфична демографска група и за процентот на лица кои биле жртви на насилство во одреден временски период, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека 91 отсто од испитаниците одговориле дека знаат оти семејното насилство е кривично дело, а 76 отсто потврдиле дека се запознати со постоењето на социјални служби за заштита на жртвите. Дури 3/4 од инцидентите не се пријавени кај ниту една од надлежните институции, а само 45 отсто од анкетираните имаат познавање за правните чекори што можат да се преземат, особено за заштита на жртвите и казнување на сторителите.
- Од истражувањето може да се заклучи дека треба да се продолжи со програмите за економско јакнење на жртвите и градење на стандардизирани пакет мерки за нивна заштита и поддршка. Покрај тоа треба да се продолжи со континуирано подигнување на јавната свест преку специјализирани кампањи и да се работи на координативните механизми кај здравствените, социјалните и полициските служби, рече Ристовски.
Резултат на заедничката соработка меѓу домашните и меѓународните институции и невладиниот сектор на ова поле, додаде, е новата Стратегија за спречување на семејно насилство 2012-2015.
Годинава, нагласи, се бележи за 20 отсто зголемување на бројот на кривичните пријави по основ на семејно насилство во однос на минатата.
- Тоа е приказ повеќе дека дел од граѓаните се охрабриле и пристапиле кон пријавување на насилството. Во урбаните средини и досега немвме проблем за тоа, но радува фактот што има пораст на процентот на пријави во руралните средини, а тоа е доказ дека се развива свеста. Верувам дека во иднина ќе се зголемува бројот на пријави на семејно насилство, рече Ристовски.
Весна Џутевска Бишева од УНДП посочи дека жртви на насилство се сите, но, како што кажа, најчестии жртви кај жените се помладите, а кај мажите повозрасните. Кај жените, додаде, најчесто жртви се невработените и оние со основно и средно образование, додека кај мажите нивото на образование нема влијание на насилството.
- Мажите ретко пријавуваат насилство, а кога ќе се одлучат тоа го прават во полицијата. За разлика од нив жените пријавуваат насилство до сите надлежни институции, истакна Џутевска Бишева.
Загрижува фактот, потенцира, што дел од анкетираните се изјасниле дека биле предмет на екстремни форми на семејно насилство, односно насилство во кое им бил загрозен животот.
- Појавувањето на екстремната форма на насилство во анкетите укажува дека е неопходно зајакнување на капацитетите на институциите кои треба да ја идентификуваат ваквата форма на насилство, истакна Џутевска Бишева.