Во МО одбележана 20-годишнината од формирањето на АРМ
Со полагање цвеќе пред Споменикот на паднатите армиски припадници, врачување на чиновите на унапредените старешини и награди и признанија за пензионираните генерали, воени и цивилни лица, како и со доделување значки на загинатите македонски мировници во хеликоптерската несреќа и во конфликтот во 2001 година денеска во кругот на Министерството за одбрана беше одбележана 20-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија.
- Со прославата на големиот јубилеј „20-години АРМ“ сакаме да ги одбележиме сите главни камен-темелници на развојниот пат на вооружените сили. Историјата не учи дека се што е вредно не се создава преку ноќ. За тоа е потребен период на создавање, на растење, на постигнување на зрелост и вложување на огромни напори од страна на повеќе генрации на мажи, жени, војници, подофицери и офицери, цивилни службеници, државни раководства без разлика на нивната етничка и религиона припадност. Одбранбениот систем на Република Македонија доживеа многу трансформации и реформи за да изгледа како што е денес. Горд сум што АРМ е дел од меѓународните мисии, рече министерот за одбрана Фатмир Бесими во своето обраќање.
Вие, порача, сте нашите нашите најдобри амбасадори за каузата за која се залагаат граѓаните на Република Македонија - глобален мир и стабилност и развој.
- АРМ како една од институциите со висок кредибилитет и доверба кај граѓаните служи како пример за соживот и меѓусебно почитување и градење на доверба помеѓу граѓаните од сите етнички и релиогиозни заедници преку преземање на одговорност и почитување на принципот на целосна професионалност со вклучување на сите етнички заедници во сите раководни структури на Армијата и градење на однос и доверба со сите граѓани, рече Бесими.
Истакна дека и во иднина ќе се работи на остварување на целите и приоритетите Македонија да биде препознатлива по својот придонес за глобалниот мир, како партнер за развој на глобалната стабилност, целосно подготвена за членство во НАТО. - АРМ да биде гарант на мирот и стабилноста, институција со висок кредибилитет и модел за меѓусебно почитување. Да се направи престижна, професионална и модерна армија и војници со достоинствен стандард, порача Бесими.
Началникот на Генералштабот на АРМ, герерал-мајор Горанчо Котески нагласи дека сите генерации на Армијата вложија огромен напор за формирањето и развојот на АРМ во изминатите 20 години по што, како што рече, таа прерасна во модерна и респектабилна сила која ужива висок углед, како во државата, така и во меѓународни рамки.
Тој посочи дека од 2002 година до сега 3.000 припадници на АРМ беа ангажирани во мировните мисии во Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан од кои 1.900 беа одликувани од меѓународните авторитети.
- Пред нас и понатаму стојат големи предизвици, мисии и задачи. Не треба и нема да дозволиме да го изгубиме она што макотрпно го стекнавме. Ќе одиме во нови достигнувања, следејќи ги интересите на државата и стандардите на НАТО. Како началник на ГШ од сите припадници на Армијата барам поддршка, професионализам, дисциплина и одговорност во работата. Оние кои не можат да ги исполнат овие критериуми и морални вредности не им е место во редовите на Армијата. Нема да дозволам кршење на политичките копја над главите на пропадниците на АРМ заради партиски интереси, порача генерал Котески.