Владата го комплетира системот за трансплантации на коскева срцевина

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Овозможувањето на поголема достапност на здравствената заштита и подобри можности за третман на пациентите, како и поголем квалитет во нивното лекување е една од определбите на Владата. Особено внимание во оваа насока се насочува на подобрување на условите за третман и лекување на потешките болести, кои бараат и поголем квалитет и стандарди во услугите, и поголеми средства.

Владата одлучи да започне со реализација на Проектот за формирање на современ и модерен систем и трансплантационен центар за коскена срцевина по сите светски признати стандарди. Ова е голем исчекор на полето на медицината во Македонија и очекуваме да донесе поповолни резултати. Овој систем ќе функционира по сите светски стандарди, ќе биде меѓународно поврзан, ќе биде од корист за пациентите со болести на крвта и ќе овозможи и поголем опфат на пациенти и поголема достапност на услугите.
    
Со формирањето на овој систем пациентите, на кој не дај Боже, би им била потребна медицинска грижа од ваков вид, нема да бидат приморани да одат на лекување во странство туку тоа би се вршело во домашните здравствени капацитети. Со тоа ќе бидат во позната средина, и би се ускратиле финансиските трошоци. За илустрација за 1 милион евра кои условно би биле потрошени за лекување во странство од вакви болести на 3 до 10 пациенти, во Македонија со овој систем би можело да се третираат 70 пациенти, и тоа по истите стандарди, со ист квалитет.

Во Македонија постојат услови и кадар за трансплантација на коскена срцевина на Клиниката за хематологија. За да биде комплетен системот по светските стандарди треба да се воведат нови две тела. Главен проблем беше меѓуфазата за пребарување и изнаоѓање донори. Затоа Владата одлучи да се формира Единствен национален регистар на несродни донатори на хоматопоетски матични клетки, и да се формира Лабораториски центар за хистокомпатибилност и имуногенетика. Сите потреби ќе бидат финансирани од буџетски извори.
 
Владата усвои и акциски план за реализација на проектот.

Најдоцна до средината на септември треба да се усвојат измени на Законот за земање и пресадување на делови од човечко тело заради лекување во кои би биле предвидени лабораториите и регистарот. Во истиот период треба да се изменат и подзаконските акти со кои практично ќе се дефинира нивната имплементација. Паралелно со тој процес ќе се назначи и лабораторија која ќе премине во Центар за имуногенетика и хистокомпитабилност која ќе почне да работи по стандардите. До октомври оваа година треба да започне со работа и развивање на Единствениот национален регистар.

Како основа за формирање на Единствениот национален регистар ќе биде искористен Македонскиот регистер за дарување коскена срцевина. Тој моментално на годишно ниво има околу 200 донори. Владата, ФЗО и МЗ ќе инвестира финансиски средства за зголемување на бројот на донори до број од 2000 колку што се потребни за меѓународна квалификација, акредитација и верификација на Регистарот, ќе се зголеми неговата база и можностите за дополнително тестирање. Потоа ќе биде побарана негова меѓународна акредитација кај Светската донорска асоцијација.

Како основа за формирање на Лабораториски центар за хистокомпитабилност и имуногенетика.  ќе се земат техничките, просторните и ресурсите во кадар на Институтот за имунологија и Институтот за трансфузиона медицина-оделот за имунологија. По анализите и дејствата кои ќе бидат преземени ќе биде побарана акредитација кај Европската федерација за имуногенетика.

Двата процеси целосно до меѓународна акредитација би требало да бидат комплетиран кон средината на следната година, со што ќе се исполнат сите услови за почеток на комплетно функционирање на трансплантациониот центар.

Паралелно со овој процес, за да се добие во време, и во можности, а пред се поради грижа за пациентите, Република Македонија во соработка со Република Хрватска треба да реализира проект за користење на услугите на Хрватскиот национален трансплантационен центар во корист на македонските пациенти. Тоа значи дека хрватскиот центар во полза на македонскиот центар ќе ја врши функцијата на регистрирање, пребарување и изнаоѓање на компатибилни донори за македонските пациенти. Овој процес треба да се комплетира најдоцна до крајот на годината.

Овој проект на Владата е значаен исчекор на полето на медицината со особена корист за македонските пациенти. Со неговата реализација ќе се зголемат можностите за лекување на пациентите, нема да има неможност за лекување, нема да има дистинкции и посебни услови и процедури за праќање на лекување во странство затоа што лекувањето ќе биде дома, ќе се зголеми опфатот на пациенти на кои им е потребна медицинска грижа и ќе има поголем квалитет и достапност на оваа услуга.

Очекуваме поддршка од сите општествени структури за реализација на овој проект, тој е од корист за целото општество.

Владата и во иднина ќе продолжи со реализација на мерки и проекти за подобрување на квалитетот на јавноста здравство во интерес и во функција на пациентите.