Попоски-Рикер: Македонија очекува натамошна засилена поддршка од САД
Македонија очекува натамошна засилена поддршка од САД за евро-атланските интегративни процеси, искакнал македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на денешната средба со американскиот заменик помошник државен секретар за Европски и Евроазиски прашања Фили Рикер.
Попоски, како што соопшти МНР, го информира Рикер за реформските процеси во правец на одржување и надградување на постојните достигања кои придонесуваат Република Македонија да се вреднува како кредибилен партнер на НАТО, видено и преку значителното учество во мисиите на НАТО и регионалната соработка. Со тоа Република Македонија заслужи полноправно членство во Алијансата, истакнал министерот Попоски.
Во контекст на прашањето за името, Попоски нагласи дека Република Македонија останува отворена за дијалог со јужниот сосед и настојува со проактивен и конструктивен пристап да ја надмине единствената наметната препрека која ги блокира нашите европски и евроатланстки интеграции.
Министерот Попоски се осврна и на актуелните активности и иницијативи на Република Македонија на меѓународен план, пред сè во контекст на нејзините европски интеграции, но и во рамките на регоналната соработка. Притоа, министерот Попоски ги презентира и зацртаните приоритети на македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Стана збор и за актуелните меѓународни прашања и регионалните случувања во Југоисточна Европа, но и за борбата против меѓународниот тероризам, во која и двете земји се активно вклучени.
Заменик-помошникот државен секретар Рикер, го истакна задоволството од одличните билатерални односи меѓу двете пријателски земји и интересот истите и во претстојниот период да се развиваат со несмалена динамика. Тој го реафирмираше познатиот став за цврста поддршка од страна на Соединетите Американски Држави за што поскорешно членство на Република Македонија во НАТО.
Рикер позитивно се произнесе за напредокот на процесот на Дијалогот на високо ниво со ЕУ, што Соединетите американски држави безрезервно го подржуваат. Воедно, нагласи дека неодамнешната посета на Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, како и неговите пораки, може да придонесе кон што поскоро изнаоѓање на заемно прифатливо решение околу името, се наведува во соопштението од МНР.