Почна изградбата на новата технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“
Поттикнување на локалниот економски развој, трансфер на технологии и вештини на работната сила, зголемување на конкурентноста на локалните компании и зголемен извоз од државата, се дел од ефектите кои се очекуваат од новата технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“ чија изградба започна денеска во месноста Србјани.
На поставувањето камен-темелник во присуство на владиниот економски тим се обрати премиерот Никола Груевски кој посочи дека добрите економски политики и мерки на Владата, добрата бизнис-клима во државата и презентацијата на инвестициските можности на Македонија во изминатиот период предизвикале силен интерес кај многу странски инвеститори од кои дел се веќе во државата, дел градат фабрики, а дел се во фаза на интерес и планирање на своите инвестиции.
Тој притоа подвлече дека токму технолошко-индустриските развојни зони се еден од сегментите кои во голема мера го помагаат процесот за презентација и привлекување странски инвеститори во државата.
- Досега вакви зони се изградени и веќе функционираат во околината на Скопје и Штип. Планирано е да се градат во Тетово, Ранковце, Струга, Прилеп, Гевгелија и тука во Кичево, а наскоро ќе се основаат и ТИРЗ во Струмица и Радовиш. Со тоа се покриваат многу деловни подрачја на нашата држава кои се во релативна близина на поголемите градови и најблиските аеродроми, пристаништа и патишта. Со изградбата на овие зони во голема мера ќе се зголемат и дисперзираат можностите кои како држава ги нудиме на странските инвеститори, а воедно ќе се зголемат можностите да се изградат фабрики во што е можно повеќе краеви на нашата земја, подвлече премиерот Груевски.
Според него, со изградбата и опремувањето на оваа зона западна Македонија ќе добие простор кој ќе привлече голем број инвеститори.
- Кичево и околината ќе видат голема полза од оваа зона во која ќе најдат вработувања голем број луѓе. Таа ќе биде и одлична поддршка на факултетите во Кичево од каде ќе се регрутираат идните кадри во капацитетите кои ќе работат во ТИРЗ „Кичево“, посочи Груевски.
Вицепремиерот Владимир Пешевски истакна оти очекува ефекти од изградбата на зоната во Кичево како од оние во Бунарџик.
- Досега се инвестирани над 300 милиони евра во изградба на зоните во кои се креирани над неколку илјади нови вработувања, а целта е рамномерен развој во државата. Во услови кога владее економска криза во Европа и каде што ние преземаме голем број чекори и мерки за подобрување на животниот стандард на македонските граѓани и за надминување на ефектите од кризата, отворањето на оваа зона е дел од тие напори, рече Пешевски.
Пред присутните за значењето на ова ТИРЗ се осврна и министерот за економија Ваљон Сарачини.
- Пред нас претстои сериозно дополнително интензивирање на активностите во насока на презентирање на потенцијалите на новата зона во Кичево, а наш најсилен адут се поволностите кои Република Македонија им ги нуди на странските компании и кои ја прават Република Македонија дефинитивно најатрактивна и најповолна зона за инвестирање не само во регионот туку и пошироко. Наша следна цел е на ова исто место за кусо време да присуствуваме на означување на стартот на нова инвестиција во Кичево, рече Сарачини.
ТИРЗ „Кичево“ ќе се гради во два опфати на вкупна површина од 29 хектари. Првиот опфат ќе се протега на површина од 13,5 хектари и ќе се протега во катастарската општина Србјани, а втората со површина од 16 хектари во општина Кичево. Првиот опфат ќе го сочинуваат девет парцели од кои седум се наменети за производствени и услужни дејности. Предвидена е изградба на пат кој ќе овозможи приклучување на зоната кон регионалниот пат Кичево - Македонски Брод. Во иднина предвидена е изградба на административен објект во кој ќе биде сместен терминалот на Царинската управа.
Според директорот на Дирекцијата за изградба на ТИРЗ Виктор Мизо, зоната во Кичево ќе биде изградена според стандардите како и останатите зони во Македонија од кои „Скопје 1“ и „Скопје 2“ се вброени меѓу 50-те најдобри зони на иднината по изборот на „ФТИ“ магазинот во конкуренција на вкупно 600 слободни економски зони.
„Кичево“ е петта од 11 ТИРЗ што ќе се градат во рамки на владината програма за економски развој и привлекување странски директни инвестиции.