Промовирани нови изданија од владиниот проект за превод на 1000 стручни книги
Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев денеска ги промовираа новите 12 изданија од областа на економските, правните, природно-математичките, земјоделските и ветеринарните науки.
Книгите се дел од проектот на Владата „Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
Денешната промоција е 42-ра од овој проект и заклучно со овие дела, бројката на досега преведени, промовирани и дистрибуирани книги достигна 715.
- Со тоа продолжува динамиката на промоции и пуштање во оптег на нови книги, нова стручна литература и нови знаења во нашето општество. Рафтовите на оваа читална, како и на сите библиотеки ширум државата постојано и постојано се полнат со нови книги, рече Груевски во читалната „1.000 книги“ во Градскиот трговски центар.
Стручната литература, нагласи премиерот, е достапна и присутна и на сите факултети и научно-образовни институции. Нивната содржина, како што истакна, станува репер за стадиумот во кој се наоѓа светската научна сцена и е предмет на опсервација и консултација и од нашата научна и академска јавност.
- Благодарение на својата содржина, овие книги имаат свое влијание и врз изборот на литература што се нуди и која е прифатлива за нашите студенти. Денес нашите студенти на својот мајчин јазик имаат пристап до голема бројка на книги и учебници кои ги користат нивните врсници на најпрестижните универзитети во светот. Знаејќи го ова, нивниот критички вкус драстично се изострува и не прифаќаат да учат од се и сешто, додаде Груевски.
Со тоа, подвлече, нашите млади стануваат конкурентни не само на македонскиот, туку и на светскиот пазар на знаења и вештини и имаат одлична основа за напредок и развој во својата кариера. Премиерот најави дека Владата и МОН ќе продолжат со темпото на превод, промоција и дистрибуција на нови книги и литература.
Министерот Кралев рече дека МОН ја координира дистрибуцијата и промовирањето на 1.000-те стручни изданија кои, како што рече, почнувајќи од првата промоција во 2009 година до денес стануваат достапни на академската популација, но и на на сите оние кои се заинтересирани за светска стручна литература.
- Преку овој проект на сите студенти во Македонија и на сите академски граѓани им се обезбедуваат услови да ги користат преведените изданија за стекнување и збогатување на своите знањеа со најнови научни содржини од областите во кои тие денес студираат, поточно се усовршуваат и надоградуваат, рече Кралев.