Македонците од Требиште побараа од министерот Попоски отворање на граничниот премин Џепиште-Требиште
Отворањето на граничниот премин Џепиште - Требиште и завршувањето на дел од патот на албанска страна е клучното барање што жителите на Општина Требиште, Голо Брдо, Албанија му го поставија на министерот за надворешни работи Никола Попоски при денешната посета.
- Од страна на македонската и на албанската Влада договорено е што е можно поскоро тоа да биде реализирано и очекувам во догледно време да видиме луѓе кои ќе преминуваат непречено на овој потег со лична карта онака како што се договоривме претходно, изјави министерот Попоски по средбата со Македонците од Требиште.
Тоа, нагласи, е многу значајно од економски аспект, но и заради комуникацијата на граѓаните од овој дел кои поради патните врски се отцепени.
- Мислам дека доизградбата на патот ќе им го олесни животот на нашинците од Голо Брдо и ќе им овозможи да имаат што е можно поинтензивна комуникација бидејќи голем дел од нив набавуваат намирници од Македонија и одат за време на пазарниот период во Струга и Дебар. Затоа треба да се залагаме да им овозможиме што поскоро да биде завршен патниот правец. На ова прашање ќе работиме и на идните средби, но мислам дека постои подготвеност од двете влади за реализација на овој патен правец, рече Попоски.
На средбата разговарале и за важноста од изучувањето на македонскиот јазик за жителите од Требиште.
- Во тој правец видовме многу активности кои се одвиваат, а дечиња од овој крај престојувале во Охрид на летниот камп за изучување на македонски јазик. И во иднина ќе продолжиме со таквата поддршка, рече Попоски.
На средбите во Требиште станало збор и за можноста во иднина општината да биде вклучена во проектите за прекугранична соработка финансирани од Европска унија.
- Има општини од двете страни кои имаат доста добри идеи за тоа како може да бидат поврзани. Мислам дека централните власти на двете земји треба да ги поддржат нивните напори за да дојде до нивна реализација. Со ваквите гестови и со комуникацијата работиме на она што е заеднички проект на двете земји да бидеме дел од ЕУ. Ќе работиме на поголема отвореност и поврзаност и на афирмирање на заедничката цел, рече министерот Попоски.
Во областа Голо Брдо, Албанија, има 17 села во кои живеат етнички Македонци. Во општина Требиште порано живееле 4.000 Македонци, а сега нивниот број изнесува 1.500.