Владата воспоставува Информатичко форензичка лабораторија

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Борбата против корупцијата и криминалот се стратешка определба на Владата. Се преземаат континуирани мерки и активности за превенција на овие девијации, нивно третирање, и санкционирање, се со цел обезбедување на владеење на правото.

Особен аспект на оваа борба претставува справувањето со даночната евазија и финансискиот криминал, како и даночното затајување и наштетувањето на интересите на државата и граѓаните.

Со цел, унапредување на квалитетот на системот, и подобрување на неговите перформанси, Владата на Република Македонија одлучи да го стартува проектот за воспоставување и воведување во работа на Информатичко форензичка лабораторија, чија цел ќе биде превенирање, откривање и обезбедување на докази за санкционирање на сторителите на кривични дела од областа на финансискиот криминал. Со нејзината работа ќе се зголеми ефектот во борбата против криминалот.

При креацијата на проектот користени се искуства од постоењето на вакви специјални единици во рамките на државната управа во Шведска и во Данска. Направени се контакти со овие земји, извршени се посети, и размена на искуства, увид во опремата, и демонстрации на функционирање, и останати аспекти на тоа како треба да биде поставен и да функционира моделот. Тоа дава гаранција дека се работи за квалитетен, ефикасен и ефективен систем кој ќе донесе нови позитивни резултати.

Информатичко форензичката лабораторија ќе врши испитување на софтверските системи и ќе утврдува дали постоеле постапки за даночно затајување или пак финансиски криминал, дали истите биле бришени или уништувани, како биле внесувани, и кои биле обидите за прикривање на доказите за инкриминација. Ќе применува и други мерки за детектирање на појави на непочитување на законот во врска со финансиски криминал. Системот ќе биде доверлив, корисен, нема да постои можност за злоупотреба, тој ќе е сигурен и безбеден.

Владата усвои и акциски план за реализација на проектот.

Ќе се направат измени на  Законот за Управата за јавни приходи и Законот за даночна постапка, со што прецизно ќе се дефинира нејзината улога во системот, функциите и делокругот на работа.

Информатичко форензичката лабораторија ќе биде организирана во рамките на Управата за јавни приходи, и тоа во Генералниот даночен инспекторат, како посебен одел во рамките на инспекторатот за специјални контроли.

Веќе се прави селекција на лицата кои ќе работат во таа лабораторија, кои согласно странските искуства, во наредниот период ќе бидат подложени на интензивна обука за надградба на знаењето и вештините потребни за работата. Лицата ќе поседуваат напредни познавања од информатичката технологија, правото и правниот систем и искуство со инспектирање и инспекторски вештини.

Во тек е фаза на процесна подготовка и за обезбедување на современа и софистицирана опрема за вршење на дејностите, следејќи ги искуствата на Шведска и Данска.

По комплетирањето на процесите Информатичко форензичката лабораторија ќе биде воведена во работа со полн капацитет.

Оваа Инфоматичко форензичка лабораторија ќе биде од голема корист за државата и за граѓаните. Таа ќе го подобри функционирањето на системот, ќе даде нов квалитет во процесите и ќе помогне во превенцијата, откривањето и санкционирањето на појави на сторување на финансиски криминал. Скандинавското искуство е гарант за ефикасноста и ефективноста на моделот. Таа ќе ги унапреди можностите на општеството за борба против даночните затајувања, евазии, и финансиски криминал, и ќе го намали процентот на сторување или обиди за сторување на ваков вид на кривични дела. Информатичко форензичката лабораторија ќе биде значајна алатка во борбата против корупцијата и организираниот криминал.