Владата почнува инвестиции за модернизација на железницата
Инвестициите во инфраструктурата заземаат значајно место во програмата на Владата. Оваа политика го има полното внимание на Владата и активностите во оваа област во идниот период ќе продолжат и ќе се интензивираат.
Сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија одлучи да стартува инвестициски циклус во модернизација на железничката мрежа во земјата и модернизација на возниот парк на железницата. Целта на модернизацијата е зголемување на квалитетот на превозот на граѓаните, да се унапредат можностите за остварување на комуникација, и да се даде поддршка на бизнис заедницата во врска на транспортот на стоки.
Прво, изработен е акциски план, согласно кој за дел од железничките линии и делници ќе се отпочне со непосредно извршување на градежни работи, за дел ќе следува постапка за избор на изведувач на градежни работи, а за некои ќе се отпочне, или пак ќе се финализира постапката околу заокружување на финансиската конструкција и обезбедувањето на средства. Дозволете да се задржам на дел од акцискиот план.
Во текот на првата половина на месец септември ќе се отпочне со градежни работи за модернизација и ремонт на железничката делница од Коридорот 10, Табановце- Куманово. Вкупната должина која ќе биде модернизирана е 13,3 километри. Обезбедени се и ќе бидат ангажирани средства во висина од 4 милиони евра.
Исто така, во текот на првата половина на септември ќе се отпочне со градежни работи за модернизација и ремонт на железничката делница Миравци- Смоквица, која е исто така дел од Коридорот 10. Оваа делница која е предмет на работа е во должина од 13,1 километар и за неа ќе бидат исплатени 3 милиони евра.
За двете делници избран е изведувач на градежни работи за модернизација и ремонт, и тоа конзорциум од реномирани компании од Австрија и Германија, што дава гаранција за квалитетот на изведбата. Подготвителните работи се во полн ек, и наскоро се очекува почеток на работата. Согласно договорот, целата активност за модернизацијата на овие две железнички делници, во вкупна должина од 26 километри треба да биде завршена во 2013 година.
Владата обезбеди и средства за реконструкција на железничката делница Згрополци- Ногаевци, која е исто така дел од Коридорот 10, во висина од 10 милиони евра. Во текот на септември ќе биде распишана постапка за избор на изведувач на градежни работи на модернизација и ремонт и на оваа делница, која е во вкупна должина од 28 километри. По завршување на постапката ќе се склучи договор со економскиот оператор, и согласно законите се очекува почетокот на градежните работи да започне најдоцна во првиот квартал од 2013 година.
Градежните работи кои се предмет на модернизацијата и ремонтот ќе опфаќаат санација на долниот строј на пругата, подобрување на техничките карактеристики на горниот строј на пругата преку замена на трулите дрвени прагови со нови армирано бетонски, како и замена на шините и положување на нов толчаник. Исто така, со Проектот е предвидено обнова на горниот строј на 9 патни премини во ниво и истовремено ќе се врши замена на постојаните стојалиштата со нови бетонски елементи.
Со овие активности ќе бидат модернизирани и ремонтирани 54 километри од железничката пруга на Коридорот 10, за што Владата, во соработка со ЕБОР, обезбеди средства во висина од околу 20 милиони евра кои ќе ги лоцира за оваа намена. Очекуваме со овие, но и со другите активности значително да се подобри квалитетот на пругата, да се зголемат можностите и квалитетот на транспорт, и да се подобрат условите за превоз и за граѓаните и за бизнис заедницата. Остануваме посветени и фокусирани и на изградба на нова пруга, согласно проекциите, како и за модернизација на железничкиот возен парк, за што се прават финалните подготовки за што ќе информираме дополнително.
Второ, многу значаен дел од железничкиот транспорт претставува возниот парк кој го поседува државата. Во оваа сфера досега се преземале малку инвестиции, а денешните возни средства на железницата се амортизирани и со просечна старост од околу 40 години, што создава сериозни предизвици.
Владата на Република Македонија одлучи да започне проект за обезбедување на нови и современи возни средства за железницата во нашата земја. Процесот е комплексен и обемен поради децениското неинвестирање во оваа област, но тој почнува и ќе донесе квалитет, резултати и голема корист и за граѓаните и за компаниите. Ќе биде потребно време, ангажман на средства и енергија, многу мерки и активности но тој ќе заврши со успех.
За реализација на проектот Владата обезбеди и одлучи да ангажира 50 милиони евра, во соработка со ЕБОР
Со овој проект планирано е да се набават нови:
- 4 дизел-моторни тро- делни патнички гарнитури
- 2 троделни патнички електро-моторни гарнитури
- 150 товарни вагони од различни типови
- како и да се изврши реконструкција на 5-6 електро локомотиви
Ова ќе значи сериозно и големо осовременување на нашата железница, за таа да биде компатибилна со новите текови и движења и да претставува удобен сервис за граѓаните и компаниите.
Владата усвои и прецизен акционен план за реализација на оваа дејност.
Веќе е во тек постапка за избор на консултант кој ќе и помага на МЖ Транспорт АД во целокупниот процес, на кој 12 фирми доставија понуди и во тек е евалуацијата на понудите. Во октомври треба да се избере економски оператор и да се склучи договор.
Потоа МЖ Транспорт АД во соработка со консултантите треба да ја спремат документацијата за постапката за избор на производител на патничките гарнитури и товарните вагони.
Во 2013 треба најпрвин да се распише постапка за избор на производител, а потоа и да се склучи договор со производител кој ќе ги изработи и предаде средствата од возниот парк.
Производителот ќе има обврска во фази, и согласно точна динамика која ќе биде предвидена во договорот, да ги испорачува патничките гарнитури, товарните вагоните, и да прави реконструкција на дел од локомотивите, и комплетно со сите меѓуфази процесот да заврши до 2015-16 годинa.
Со оваа модернизација граѓаните и компаниите ќе добијат модерни превозни железнички возни средства, удобни, ефикасни и ефективни, и на овој начин значително ќе се подобри квалитетот и можностите на железницата и општо на овој вид превоз во Македонија, со што ќе се создадат услови за квалитетна работа на компаниите кои работат во овој сектор, од што корист ќе имаат и нивните вработени, а ќе се зголеми и можноста за зголемување на доходовноста и рентабилноста на овие компании.