Глобален извештај за конкурентност - Македонија го задржа нивото на конкурентност од претходната година и во услови на криза
Македонија е рангирана на 80. место од вкупно 144 држави во најновиот извештај за глобална конкурентност на Економскиот форум Давос. Според Владата, ова значи дека Македонија ја задржала конкурентноста на постоечкото ниво во услови кога речиси сите економии во регионот бележат падови.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на прес-конференција во Владата истакна дека во извештајот за регионот генерално трендовите не се позитивни. - Црна Гора бележи пад од 12 места, Албанија од 11 места, Грција шест места, Хрватска пет места, а Македонија од едно место со тоа што во годинашниот извештај се внесени две нови држави од кои едната, Сејшелските Острови е рангирана пред нас. Хрватска и Албанија во текот на изминатата година во делот на конкурентноста беа рангирани пред Македонија, сега се под Македонија, Србија, БиХ и Грција и натаму остануваат рангирани под Македонија во овој глобален ранг, рече Пешевски.
Во извештајот од индикаторите кои се мерат се наведува дека најдобри рангирања имаме кај оданочувањето и даночната стапка каде спаѓаме во земји кои се рангирани на второ место, добро стоиме и во делот на доброто време за почнување бизнис, релативно добро стоиме и во сегментот на макроекономската стабилност, ефикасност на пазарот на добра и работењето на институциите.
Подобрување во однос на претходната година, како што рече Пешевски, се забележани во индикаторите за пристап до кредити за 26 места, достапност на финансиски услуги подобрување за 20 места, подобрувања има и кај влијанието на деловните прописи врз странските директни инвестиции, ефекти од оданочувањата, товар од владината регулатива, квалитет на авиотранспортот и инфраструктурата. - Претходните три се резултат на антикризните мерки и намалувањето на даноците и регулаторната гилотина, а квалитетот на авиотранспортот и инфраструктурата е резултат на инвестицијата на ТАВ, истакна Пешевски.
Значително подобрување во извештајот е наведено дека има за достапноста на услуги за специјализирани истражувања и обука во земјата и број на запишани ученици во образованието, во однос на правата на сопственост, заштита на интелектуална сопственост, транспарентност во креирање на владината политика, сигурност на банките и нерентабилно трошење на владините средства.
Негативни промени и влошувања, истакна вицепремиерот, имаме кај инфлацијата кај која во претходниот извештај Македонија била во групата на земји со инфлација меѓу 0 и 2 проценти во која спаѓаа 50 држави и сите беа рангирани на 1 место. - Бидејќи минатата година инфлацијата беше 3,6 проценти автоматски Македонија ја стави во група на држави со инфлација меѓу 2 и 4 проценти и тука сме рангирани на 54 место, рече Пешевски, додавајќи дека другите 53 држави се во групата со инфлација меѓу 0 и 2 отсто.
Според вицепремиерот, ова е најголемото влошување, но не се работи за некоја енормно висока инфлација кај нас, но влијае негативно на рангот.
Влошување, како што додаде, има кај усвојување на технологии на ниво на претпријатија, истражувачка соработка меѓу универзитетите и индустријата, влошувања на фирмите во истражување и развој, соработка во односите работодавач и вработен, капацитет за иновации, степен на ориентираност кон потрошувачите од страна на компаниите, подготвеност да се делегираат овластувања во рамки на компаниите, софистицираност на потрошувачите.
- Она што влијаело позитивно да го задржиме овој тренд се главно активности и проекти кои се раководени и иницирани од Владата и доколку останатите индикатори кои се повеќе под влијание на компаниите не бележеа таков пад ние можевме да очекувавме оваа година реално можеби да бидеме втора најконкурентна економија по Словенија во регионот. Но, сепак, треба да бидеме задоволни во однос на она што значи поорганизиран пристап кон подобрување на конкурентноста на државата, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Тој потенцира дека сите слабости што се идентификувани во извештајот ќе бидат детално разгледани на Националниот совет за претприемништво и конкурентност и онаму каде ќе може да се идентификуваат соодветни мерки за подобрување тие ќе бидат предложени од Владата. - Верувам дека ќе се почне со проекти и идната година, доколку не се случи некоја посериозна криза во овој дел од светот, може да очекуваме и позначително подобрување на македонската конкурентност, потенцира Пешевски.
Во најновиот извештај како најконкурентни држави во светот се рангирани Швајцарија, Сингапур, Финска, Шведска и Холандија.
Во извештајот за економијата во Европа се посочува дека државите се соочуваат со големи предизвици особено од финансиски и економски аспект и влијаат на нивната глобална конкурентност.