Андреј Лепавцов избран за нов амбасадор на Македонија во ЕУ
Натамошното проширувaње на Европската унија кон Западен Балкан по Хрватска ќе биде сo поригорозни услови отколку што беше тоа случај претходно, но не смееме македонската апликaција за членство во EУ да остане во сенката на билатералниот спор со Грција, истакна новоименуваниот амбасадор на Македонија во Унијата Андреј Лепавцов на денешното претставување пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика.
За да се избегне стагнација, тој нагласи дека ќе се залага за применуавње на Хрватско-словенечкиот модел во надминување на блокадата. Успешната интеграција на сите земји од Балканот во ЕУ, според него, ќе биде најсилна потреба за нејзината улога на кредибилен и респектибилен глобален актер на меѓународната политичка сцена.
- Имајќи ја во предвид моменталната состојба со политиката на проширување на ЕУ, перспективите за почеток на преговори со Црна Гора и доделувањето на кандидатскиот статус на Србија, а во контекст на одвивањето на наметнатиот билатерален проблем од страна на Грција врз натамошниот процес на интегрирање на Македонија во ЕУ постои можност за деблокирање на македонскиот евро-интегративен процес доколку Унијата дозволи да се искористи Хрватско-словенечкиот модел за надминување на билатерланиот проблем, а со тоа и можноста за изнаоѓање заедничко прифатливо решение, рече Лепавцов.
Билатерланите прашања, како што нагласи, не треба да го кочат пристапниот процес кој е круцијален фактор за стабилноста на регионот, но и за иднината на секоја од земјите во него.
- ЕУ треба да го олесни создавањето на овој потребен политички поттик во потрага по решение и да ги подржи иницијативите во овој правец. Од страна на Република Македонија потребна е целосна посветеност во евроинтегративниот процес и целосна подршка од политичките актери во земјата. Заради тоа, потребна е целосна мобилизација на сите ресурси, додаде Лепавцев.
Новоименуваниот амбасадор во Брисел рече дека во претстојниот период мисијата ќе продолжи со интензивни активности за успешна презентација на позицијата и на ставовите што се од фундаментално значење за етаблирањето и развојот за интегрирањето на Македонија и ќе ја следи ситуацијата околу новите економски политики кои ќе имаат рефлексија врз натамошната политичка интеграција на ЕУ...
Претседателот на Комисијата и член на ВМРО - ДПМНЕ Антонио Милошоски посочи дека Република Македонија е на патот кон евроинтеграцијата. Тој смета дека Лепавцов во неговите ангажмани во Брисел треба да работи на засилување на комуникацијата со Европската комисија, македонската мисија при ЕУ и Владата и обратно со цел за непречено да го опслужува протокот на информации.
Милошоски нагласи дека процесот на проширување се одвива со забавена динамика што е последица на одрдени политики на ЕУ, како што е економската криза.
Опозицијата го оцени како позитивен изборот на Лепавцов за амбасадор на Македонија во ЕУ, со забелешка за неговиот досегашен ангажман како советник на премиерот Никола Груевски.
Пратеникот на СДСМ Игор Ивановски го праша Лепавцов какви интереси ќе застапува, на што тој му одговори дека ќе ги застапува интересите на граѓаните на Република Македонија, а тоа е зачленување на земјата во Унијата.