Во Стајковци почна изградбата на канализациона мрежа

Во населеното место Стајковци во близина на Скопје денеска почна изградбата на канализациска мрежа со што ќе се решат проблемите на околу 5.500 граѓани.

За реализација на проектот ќе бидат потрошени 260 илјади евра, кои се обезбедени со поддршка на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Се очекува целиот зафат да биде готов за околу шест до седум месеци во зависност од временските услови.

- На граѓаните 20 години им се ветувала изградба на канализациона мрежа, но не била завршена. На последните избори излеговме со слоганот „Заедно можеме повеќе“ така што во соработка со градоначаникот, Владата обезбеди средства со поддршка на ЕИБ со коишто ќе се изгради оваа канализација во следните шест до седум месеци, изјави премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на официјалното отпочнување на изградбата.

Покрај премиерот Груевски, на настанот присуствуваат и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалниците на Град Скопје и општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски.

Населеното место Стајковци има 930 куќи со околу 5.500 жители. За да се отпочне со изградба на примарниот фекален колектор за ова населено место претходно беше изведен фекален колектор од реката Вардар до Стајковци низ населените места Вардариште, Маџари, Хипордом, Инџиково, Економија и Сингелиќ со вкупна должина од 12,2 километри.