Владината одлука за зелениот картон позитивно влијаеше врз продажбата

 

Продажбата на зелениот картон оди со интензивна динамика што покажува дека одлуката на Владата влијаеше позитивно, оцени денеска директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Поповски.

- Првичните резултати кои ги имаме од Националното биро за осигурување покажуваат дека не е престанат интересот за купување на зелени карти. Ние чекаме по завршувањето на третиот квартал друштвата за осигурување да ги достават податоците по што ќе знаеме каков е трендот, но она што го добивме како повратна информација од Националното биро е дека продажбата на зелениот картон оди со интензивна динамика, изјави Поповски, одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста организирана по повод двегодишнината од постоењето на Агенцијата.

Тој најави дека во иднина ќе се работи на либерализација на автоодговорноста што според него не би довело до евентуално зголемување на цената на зелениот картон.

- Искуството на земјите кои вовеле либерализација на автоодговорност покажува дека има намалување бидејќи кога имаме голем број на компании и жестока конкуренција тоа ќе доведе и до реална и фер цена, а ние како регулаторно тело треба да бидеме активни со цел да не се доведе ситуација намалувањето да предизвика проблеми во работењето на друштавата за осигурување, рече Поповски.