Министерот Попоски се сретна со политичкиот директор во МНР на Ирска
Министерот за надворешни работи Никола Попоски оствари средба со политичкиот директор во Министерството за надворешни работи на Ирска, Дејвид Донахју.
Средбата, како што информира МНР, е реализирана во рамки на политичките консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Ирска што се одржаа во Скопје.
Двајцата соговорници констатирале дека политичките односи меѓу двете држави се позитивни и конструктивни, со тенденција за нивно унапредување. Воедно упатени се и заеднички заложби за унапредување и интензивирање на економската соработка.
Министерот Попоски оценил дека интензивирањето на политичкиот дијалог ќе придонесе за поблиско запознавање со реформските процеси кои Република Македонија ги превзема, како основа за целосно интегрирање во европските и евроатлантски структури. На тој пат, потребна е помош и поддршка од пријателските земји, како што е Ирска, особено за време на нејзиното претседавање со ЕУ во првата половина од 2013 година.
Министерот Попоски ја поздравил и претстојната посета на државниот министер за европски работи на Ирска, Лусинда Крејтон на Република Македонија на 27 септември.