Министерот Попоски го прими почесниот конзул на Македонија во Темишвар

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше средба со Раду Михаеску, почесен конзул на Република Македонија во Темишвар, Романија.

МНР соопшти дека Михаеску на средбата го брифирал Попоски за политичко-економската состојба во Романија, со акцент на економскиот развој на градот Темишвар каде што се наоѓа седиштето на Почесниот конзулат.

Михаеску посочи дека постои простор за конкретна економска соработка и во тој контекст најави дека планира во почетокот на октомври годинава, неговата канцеларија во Темишвар да организира бизнис-форум на кој македонски и романски компании би ги презентирале можностите за меѓусебна соработка.

Оценувајќи ги односите меѓу Република Македонија и Романија, како исклучително значајни, министерот Попоски укажа на потребата од зајакната економска соработка меѓу двете земји, при што ја поздрави и конкретната иницијатива на Михаеску за одржување бизнис-форум во Темишвар, соопшти МНР.