За лажни боледувања ќе се оди в затвор

 

Од 2007 до 2011 година бројот на боледувања е двојно зголемен и констатирана е злоупотреба на системските слабости. За подобрување на состојбата, а со цел да се ограничи можноста за злоупотреба на боледувањата ќе бидат преземени системски мерки кои ќе вклучуваат и казна затвор за матичните лекари кои спротивно на медицинската пракса и правните прописи ќе пропишат боледувања.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа министерот за здравство Никола Тодоров, директорот на Фондот за здрвствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева Змејкова и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

- За само четири години бројот на боледувања е двојно зголемен - од 10.000 во 2007 година, на 22.000 во 2010 година и толку е проекцијата за 2011 година. Состојбата е многу сериозна. Се поголем дел од здравствениот денар оди за боледувања за сметка на здравствените услуги, лековите и ортопедските помагала, рече Парнарџиева Змејкова нагласувајќи дека Фондот поголем процент од својот буџет го распоредува за боледувања за сметка на она што е негова основна функција.

Таа посочи дека во 2007 година вкупно за боледувања се одвоени 1.100.000 денари, а сега 2.400.000 денари. Ако ги тргнеме породилните боледувања, како што рече, ако во 2007 година се одвојувале 500 милиони денари, сега се одвојуваат 900 милиони.

- Во сите други земји најголем дел од боледувањата се издаваат за популација со старосна група од 60 години, па нагоре. Во Македонија 30 отсто или доминантен дел од боледувањата се за младите луѓе на возраст од 25 до 35 години. Во однос на другите земји констатиравме дека јавната администрација во Македонија користи многу повеќе боледувања во однос на вработените во приватниот сектор. Во државата има 14 боледувања на 1.000 вработени во јавната администрација, а во приватниот сектор 11 боледувања на 1.000 вработени, истакна Парнарџиева Змејкова.

Според неа, се злоупотребуваат системските слабости со цел да се стимулира неработништвото односно секогаш кога се работи под притисок или се добива задача многу лесно се издава боледување од страна на здравствените работници.

Таа потенцира дека според одредени укажувања, вработени во јавната администрација во одреден период особено во некои региони во Македонија работат и на нива кога е потребно, а за сметка на тоа се пријавуваат како да се боледување, за тоа трошоци има фирмата, јавната институција, а потоа и Фондот.

- Дефинитивно злоупотребите постојат на секое ниво - како што е желбата на самиот пациент, така и неетичкото или непрофесионалното постапување од страна на медицинските лица или по линија на помал отпор матичните доктор, специјалистите препорачуваат боледување за оние дијагнози за кои знаат дека следи боледување иако со тоа може да се доведат до кривични дела односно до фалсификување на дијагнозите.Треба да се утврди каде се системските слабости со цел да се минимизираат злоупотребите, додаде Парнарџиева Змејкова.

Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека станува збор за ситуација која подолго време ескалира во Македонија која е поврзана со боледувањата. Најави дека ќе се формира Ревизиона комисија која ќе врши контрола на спроведените постапки за доделување на боледувањата од комисиите утврдени во Фондот. Ќе се фомираат, посочи Тодоров, ад хок комисии кои ќе прават ревизија не само на комисиите на Фондот туку и на работењето на Ревизионата комисија.

- Вториот сегмент на контрола ќе бидат пациентите односно вработените. Ќе овозможиме директорите на компаниите односно работодавачите да можат преку комисии кои ќе ги основаат да вршат контрола на сите боледувања за нивните работници имајќи предвид дека до 21 ден трошокот е на товар на компанијата. Ќе се изврши контрола дали боледувањето е издадено согласно законските прописи и дали дијагнозата е реална, истакна Тодоров.

Тој појасни дека директорите односно работодавачите ќе бидат задолжени кога ќе има случај некој од вработените користи боледување подолго од 21 ден за тоа да го известат Министерството за здравство за да се изврши контрола на процедурата која е преземена. Оние кои шест месеци ќе бидат на боледување, рече Тодоров, ќе бидат испратени пред Инвалидската комисија за да се утврди дали има основ за нивно одење во инвалидска пензија.

- Трет сегмент се матичните лекари и контролата на боледувањата што тие ги издаваат кое ќе се врши преку законски воспоставен електронски систем за евиденција во кој ќе бидат внесени пациентите, матичните лекари и воспоставената дијагноза. Ќе видиме дали кај одредени работници се повторува боледувањето, дијагнозите и дали тоа е случај кај ист матичен лекар. Ќе предвидиме кривично дело злоупотреба од страна на матичниот лекар при пропишување на боледувањето, нагласи Тодоров.

Досега од Кривичниот законик, како што рече, имаме предвидено за симулирање на боледување да се казни парично или со казна затвор до една година оној кој симулира.

- Ова се однесува на работникот. Планираме да предвидиме посебно кривично дело кое ќе се однесува на матичните лекари кои спротивно на медицинската пракса и правните прописи ќе пропишат боледувања и на лице на кое тоа не му следува. Казната затвор е од шест месеци до три години, додаде Тодоров.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски рече дека од аспект на заштита на работниот процес и работните односи Државниот инспекторат за труд ќе се вклучи во активностите кои ќе следат во однос на контрола на оваа состојба која зазема чудни размери.

- Констатиравме дека има работодавачи кои своите омилени или неомилени работници ги мотивираат да одат на боледување. Ќе се обидиме тоа да го сузбиеме со вонредни контроли на Трудовата инспекција врз основа на евиденција од Министерството за здравство. Сериозно размислуваме и веројатно ќе пристапиме кон измена на Законот за безбедности и здравје при работа, истакна Ристовски.