Флуктуирачкиот курс е интерес само на неколку извозни компании

Во изминатиот период имавте повеќе средби со македонските бизнисмени на кои тие побараа и конкретни мерки за подинамичен развој на економијата? Што од тие барања можат реално да се реализираат?

Со македонските бизнисмени имаме изградено континуирана комуникација. Сметаме дека комуникацијата меѓу Владата и бизнис-сектор е од големо значење за развојот на македонската економија и затоа во наредниот период планираме да го интензивираме оваа партнерство. Низа мерки и проекти потекнуваат токму од дијалогот меѓу овие сектори.

Воведување на едношалтерски систем за инвеститори е едно од барањата од страна на бизнис-заедницата на кое Владата веќе подолг период работи со цел на креирање еден систем, кој ќе овозможи подобрување на квалитетот на услугите и условите за инвестирање.

Поедноставувањето на царинските стапки е едно од барањата кои имаат реална можност да се исполнат. Во наредниот период Владата ќе вложи напори да ги поедностави транспортот со соседните држави. Но, сепак, ова барање не зависи само од македонската Влада, туку и од расположението на владите во соседните држави.

Владата со тек на време ќе ги исполни сите барања на бизнис-заедницата кои се реални и остварливи. Развојот на бизнис-секторот и економијата е еден од приоритетите на оваа Влада, која силно се залага за нивниот развој.

Кој е, според Вас, патот по кој Македонија треба да оди за да може да остварува повисоки стапки на економски раст поголеми од 6%-7%? (конкретни мерки и политики)

Патот до побрз економски раст е што побрза реализација на владината програма. Таму се набројани повеќе од илјада проекти и активности кои се осмислени токму со таа намена: забрзан економски раст и намалување на невработеноста. Несериозно е кој било да каже дека со неколку проекти или мерки е можно да се оствари голема стапка на развој, бидејќи да беше така едноставно сите држави во светот ќе го правеа тоа и ќе имаа рецепт за успех. Доколку се реализира програмата на Владата за наредните четири години, мислам дека овие стапки на раст се целосно реални и остварливи. Сепак, дури и во Манифестот за реформи и развој, кој е основата на програмата на Владата, и во чија изработка имав значителен придонес, е кажано дека основна претпоставка за високи стапки на развој е да нема уште една светска економска криза. За жал, од ден на ден, глобалните економски процеси не одат во позитивна насока и секако дека тоа нема да има поволно влијание и врз македонската економија.

Едно од барањата на бизнисмените е и порелаксирана монетарна политика и воведување на флексибилен наместо фиксен девизен режим на денарот? Што мислите за оваа идеја?

Изјавите на бизнисмените кои се однесуваат на монетарната политика треба да се земаат со голема резерва. Прво, не постои консензус и кај нив за оваа работа, а лично сметам и дека не располагаат со доволна експертиза за квалитетни макроекономски анализи на ниво на држава. Повеќе се работи за интерес на неколку големи извозници со цел да добијат поевтин конечен производ и поголема заработка за сопствените компании, што се разбира е легитимно како барање. Сепак, ова барање не е во интересот на целата држава, туку повеќе во интересот на нивните компании.

Од сите досегашни анализи коишто се спроведувани и во рамките на Владата, но и во Народната банка, во Светската банка и ММФ, институции кои ги земаат предвид сите комплексности на едно вакво прашање, укажуваат дека курсот на денарот треба да остане стабилен. Во спротивност, со флуктуирачки курс постои реален ризик да добиеме висока инфлација, високи каматни стапки за девизните кредити, зголемени износи што ќе треба да ги враќаат фирмите кои веќе се задолжиле во евра, намалување на девизните резерви и конечно намалување на животниот стандард. Од тие причини, во овој момент не ја поддржувам оваа идеја.

До 2009 година работевте во реалниот сектор, две години, пак, сте дел од извршната власт. Ги знаете проблемите и барањата на реалниот сектор, од друга страна знаете со колкав буџет располага државата и кои ѝ се приоритетите? Кога утре би се вратиле во приватниот сектор, што ќе побарате прво од Владата како мерка за да се подобри бизнис-климата во земјава?

Вашето прашање е всушност начин да ме прашате со што не се согласувам во сегашните владини политики. Сметам дека во рамките на сегашните ограничувања, Владата го дава својот максимум во подобрување на бизнис-климата, што всушност е валоризирано и од Светската банка во најновиот извештај за Дуинг бизнис, каде што Македонија е рангирана пред голем број држави и од Европската унија, и највисоко од сите земји на Балканот.

Но, би додал и дека сè додека сум дел од тимот на премиерот Груевски, сè што имам да кажам како идеја или сугестија за подобрување на бизнис-климата, но и за останатите сегменти на работење на Владата, соопштувам на седниците на Владата или на членовите на владиниот тим и, се разбира, се обидувам тоа да го спроведам.

И покрај високиот ранг во Извештајот Дуинг Бизнис, македонската економија е прилично неконкурентна според цените, квалитетот, идеите и иновациите, технологијата... Што Владата презема за подобрување на конкурентноста на компаниите и економијата?

Прашањето почнува со констатација со која не се согласувам целосно. Во определени сегменти македонската економија станува сè поконкурентна, што е сè поевидентно од постојаното зголемување на извозот и зголемувањето на бројот на странски туристи во земјата. Се разбира, ситуацијата не е розова, но направени се големи подобрувања, но она што е поважно, следат и низа на нови мерки и политики со кои дополнително ќе се зголеми конкурентноста.

Во најскоро време ќе го реафирмираме Националниот совет за конкурентност кој во последните неколку години не беше многу активен. Во рамките на мојот кабинет уште во текот на минатата година е изготвена сериозна анализа со предлог-мерки и проекти за подобрување на конкурентноста и голем број од тие предлози се веќе вградени во владината програма. Направени и предложени се низа мерки со кои се подобрува соработката меѓу науката и реалниот сектор, мерки за подобрување на стандардите и капацитетите на институциите кои се занимаваат со акредитација, подобрување на квалитетот на образованието, голем број инфраструктурни проекти, проекти за понатамошно намалување на административниот товар врз бизнис-заедницата и слично.

Паралелно со овие активности, Владата вложува големи напори кон привлекување странски инвестиции. Една од бројните причини е што еден од бенефитите на странските инвестиции е внесувањето нови технологии во државата, како и зголемувањето на вештините и знаењето на работниот кадар, при што се намалува технолошкиот јаз меѓу Македонија и развиените европските земји.

“ЗАДОЛЖНИЦАТА“  ЌЕ СТАРТУВА СЛЕДНАТА ГОДИНА

Кои се приоритетите на Владата во следните шест месеци? Што ново може да очекува бизнисот во насока на поголем извоз, поефикасна администрација, порелакирана даночна и казнена политика?..

Во наредните шест месеци треба да започнат и стапат на сила низа проекти и мерки кои имаат за цел да го поттикнат развојот на економијата. Конкретно за поттикнување на извозот предвидено е воведување на извозен факторинг. Можноста да ги продадат побарувањата на МБПР со одреден дисконт претставува значаен бенефит за извозниците. Со цел подобрување на ликвидноста на компаниите, на почетокот од следната година предвидено е воведување на новиот инструмент “Задолжница”. Овој инструмент ќе овозможи средствата автоматски да се префрлаат на сметките на доверителите од сметките на должниците, при што би се подобрила ликвидноста на компаниите. Понатаму ќе продолжи да се спроведува проектот “Учиме од бизнис-заедницата“, односно ќе продолжат посетите на компани од страна на владини тимови. Оваа практика се покажа како многу успешна, бидејќи директните средби со бизнис-секорот овозможуваат директно воочување на проблемите и нивно брзо решавање. Еден од проблемите кои се наведени од страна на бизнис-заедницата е неетичката селекција од страна на испекторските служби. Воведување на проектот е-инспекторати ќе овозможи електронско избирање испектори, при што ќе се елеминира неетичката селекција. Кога веќе станува збор за проекти кои се темелат на база на информатичка технологија, би го напоменал и проектот Електронско поднесување на царински декларации и документи. Еден од низата проекти кои се насочени кон намалување на трошоците и потребното времето за извршување на царинските процедури.

Со сопственикот на гасоводот од Солун до Скопје - Вардакс АС, неодамна постигнавте договор дека на Македонија ќе ѝ исплатат пет милиони евра. Што се случи во меѓувреме? Зошто Македонија не добива и не бара пари од дивиденда?

На последното Собрание на акционери, каде што Владата имаше и свој претставник, беше донесена одлука за распределба на средства на акционерите врз основа на акумулираната добивка, според која, Република Македонија треба да добие 4,6 милиони евра. Очекуваме во наредните 30 дена да дојде до целосна операционализација на оваа одлука и средствата да се најдат на сметката на државната фирма Нафтовод ДОО, која во име на Владата е акционер во Вардакс АС со 20% од акциите. Напоменувам дека ова е првпат од основањето на оваа компанија Македонија да добие дел од акумулираната добивка, и покрај тоа што е малцински акционер, што е резултат на преговорите што мојот кабинет ги водеше со другиот акционер во Вардакс АС.

Проектот Чебрен и Галиште е речиси во завршна фаза. Неодамна изјавивте дека тој е најблиску до реализација од кога било досега. Можеме ли да очекуваме дека до крајот на годинава некој конкретен чекор, како потпишување договор? Кои компании имаат најголеми шанси да го добијат проектот?

До средината на декември очекуваме да добиеме понуди од страна на квалификуваните компании, и би требало до крајот на годината да се објави која е компанијата која ја има дадено најповолната понуда. Но, во оваа фаза не би се осмелил да кажувам кој е фаворит за да го добие договорот. Победник ќе биде компанијата која ќе понуди највисок процент на учество на ЕЛЕМ во заедничката компанија која ќе го гради проектот Чебрен и Галиште. Доколку дојде до успешна реализација на овој проект, мислам дека слободно ќе може да се каже дека е тоа најголемиот економски проект започнат во изминатите 20 години во Република Македонија.

Кога во 2009 година станавте дел од Владата, пред себе веројатно си зададовте цел кои проекти сакате да ги видите завршени, за да не доживеете личен неуспех влегувајќи во Владата, а напуштајќи го реалниот сектор? Колку од вашите амбиции ги остваривте? Кој е Вашиот најголем предизвик на оваа функција? 

Еден дел од проектите и целите кои ги имав зададено пред себе се реализирани, но еден дел останува да се реализираат. Јас сум умерено задоволен од постигнатите резултати, иако лично очекував дека некои од проектите ќе ги реализирам значително побрзо. Како главен предизвик на оваа функција би ја навел светската економска криза, која во голема мера го забави темпото на влез на странските инвеститори, нешто на што потрошив доста добар дел од времето во изминатите две години. Тука не мислам само на инвеститори во зоните, туку и на партнери за некои од големите инфраструктурни проекти. Светската економска криза влијаеше и на тоа екстерната побарувачка за производите од македонските компании да не биде со очекуваното темпо, што резултираше со нецелосно ефектуирање на сите реформи и активности кои беа предводени од мојот кабинет.

Пред да го прифатите предизвикот вицепремиер за економски прашања работевте како директор и партнер на Меѓународниот инвестициски фонд СЕАФ за Јужен Балкан, како резултат на осумгодишното раководење на СЕАФ Македонија. Колку ваквото искуство и пријателства Ви помогнаа во работата како заменик-претседател на Владата?

Пријателствата беа од корист во делот на формирање квалитетен тим на луѓе во мојот кабинет, додека искуството во делот на водење и анализа на инвестициони проекти беше повеќе од драгоцено и потребно за функцијата која ја извршувам. Гледањето на работите од аспект на еден странски инвеститор, улога во која се наоѓав многу години, ми помогна во реализација на неколку големи проекти, но и во надминување на некои од посериозните спорови кои ги имаше Владата со некои странски и домашни инвеститори.

Понекогаш, за жал, искуството од приватниот сектор и стекнатите навики предизвикуваа и голем број лични фрустрации, особено на почетокот, бидејќи во приватниот сектор нема чекање од моментот на носење на одлуката до нејзиното реализирање, додека во јавниот сектор понекогаш треба да потрошите повеќе енергија да ги мобилизирате институциите да ги реализираат одлуките со бараното темпо, отколку на самото носење на одлука. Сепак, би сакал овде да ја нагласам улогата на тимот кој го формирав во Владата во рамките на мојот кабинет, којшто е од клучно значење за квалитетно извршување на мојата работа. Се работи за луѓе кои се многу квалитетни и посветени на работата, и на кои сум им неизмерно благодарен за работата што ја извршуваат.

Кој е вашиот став за должничката криза со која се соочува Европа и сè погласните прогнози за нова светска економска рецесија, и како тие се одразуваат врз Македонија. Има ли Владата план Б како да & помогне на економијата ако светската економија влезе во рецесија?

Македонија не може да ја спречи должничката криза нити светската рецесија, доколку дојде до неа. Она што покажавме во годините на кризата од 2009 година, е дека и во такви ситуации знаевме да изнајдеме мерки и политики со кои ги ублаживме негативните ефекти за македонската економија. Се разбира дека размислуваме за сите можни сценарија, и доколку дојде до нив, ќе излеземе со пакет-мерки со кои ќе ѝ помогнеме на македонската економија. Но, секако дека ова не се поволни времиња за економијата и ризиците се реални.

Што е потешко да се менаџира државно министарство или компанија? Кои се Вашите приници за успешно управување?

Секоја работа си има свои предизвици и специфичности, но со сигурност можам да кажам дека степенот на сложеност и факторите кои треба да ги земете предвид при носењето одлуки се поголеми на ниво на вицепремиер, отколку како директор на инвестициски фонд. Она што е заедничко за двете позиции е дека во тимот работев и работам со луѓе со голем интелектуален капацитет. Имам неколку едноставни правила за управување, но овде би издвоил дека со членовите на тимот треба да бидете целосно искрени и отворени, доколку сакате да ја стекнете нивната доверба. Сметам дека потребно е да се одберат квалитетни луѓе кои се самостојно мотивирани, на кои ќе им се објасни кои се целите и што сакате да постигнете, потоа дадете им креативна слобода да го реализираат тоа што сте го замислиле без да им се мешате во секој чекор. Често пати тие ќе го направат зададеното подобро и од тоа што сте го замислиле. Давајте му поддршка на тимот секогаш кога можете, критикувајте ги за грешките само во четири очи, и кога можете и кога е тоа заслужено, пофалете ги и наградете ги. Помогнете им на способните и амбициозните луѓе да ги остварат своите лични професионални цели, дури и кога тоа ќе значи дека може да го напуштат вашиот тим. Ценам и дека од вработените треба да се бара да работат на себе и постојано да го подобруваат своето знаење, бидејќи така ќе станат и позадоволни и посигурни во себе, но ќе станат и повредни членови на вашиот тим.

ОТШТЕТАТА ОД 72 МИЛ. ЕВРА ШТО ЈА БАРА ТАРБС Е ПРЕВИСОКА

Пред Владата претстои спорот со Австралиски Тарбс, кој бара отштета од 72 милиони евра. Сè погласни се шпекулациите дека двете страни “се пазарат“ за намалување на сумата. Која е позицијата и плановите на Владата во однос на овој спор? 

Според мое мислење, барањето на Тарбс за отштета од 72 милиони евра е во голема мера преценето, особено ако се има предвид дека Тарбс реално се јавувал најмногу во улога на давател на услуги во делот на сателитски пренос на телевизиски сигнал на Македонската радио-телевизија во износ од неколку милиони евра, а многу помал дел се има појавено како реален инвеститор во земјата. Спорот е комплексен од аспект што главните проблеми се настанати со неколку влади наназад, а не со актуелната Влада, така што не е едноставно да се утврдат сите факти. Се разбира, Тарбс имаат правна можност да постават каков било износ како барање за отштета во судскиот спор, но истото треба во судска постапка и да го докажат како реално настаната штета. Наша обврска е да ја заштитиме државата и нејзините граѓани од плаќање непотребни штети, но притоа да водиме сметка и за почитување на договорните обврски кои се преземени кон Тарбс од страна на државните институции. Засега нема никакви преговори меѓу страните, иако постоеја контакти со цел меѓусебно да се запознаеме со тоа како секоја од страните гледа на спорот. Исто како и Тарбс, и Владата ги презема сите потребни чекори за да има соодветна квалитетна одбрана и во овој судски спор. Можам само да кажам дека сме умерени оптимисти во однос на исходот. Лично би сакал во иднина да го видам спорот разрешен со што помали негативни последици за двете страни.

Извор: Магазин Капитал

Новинар: Катерина Попоска