Честитка од премиерот Груевски до припадниците на бошњачката етничка заедница по повод Денот на Бошњаците
Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница во Република Македонија,
Би сакал да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците, и во свое лично име и во името на Владата на Република Македонија да Ви посакам здравје и среќа, семејна благосостојба, и многубројни успеси на секое поле.
Историското присуство на бошњачката заедница во Република Македонија, како и секојдневниот придонес што Бошњаците го даваат во сите сфери на општественото живеење претставуваат значаен сегмент во напредокот на нашата држава и во градењето на мултиетничко општество во кое дијалогот, меѓусебната толеранција и почитувањето како универзални вредности имаат длабока традиција.
Владата на Република Македонија, како досега така и во иднина ќе продолжи да инвестира и да го поддржува развојот на културните, образовните, економските и сите останати општествени капацитети кои се од интерес на бошњачката етничка заедница. Уверен сум дека и во идниот период, со заеднички сили, и верувајќи во заедничките вредности, ќе продолжиме со соработката и со вложувањето на нашите потенцијали за создавање на дела кои се од интерес за сите граѓани на нашата земја, и во изградбата на силна и модерна Република Македонија.
Дозволете ми уште еднаш да ги повторам моите искрени честитки со желба да го поминете овој празничен ден во пријатно расположение во кругот на најблиските.
Никола ГРУЕВСКИ