Признанија за најуспешните во туристичко-угостителскиот сектор во 2012 година
Туристичките агенции „ЕТЦ-Травел“ и „Фибула“, скопските хотели „Хамбург“ и „Холидеј ин“ и струшкиот „Макпетрол“ се прогласени за најуспешни во туристичкиот сектор за годинава. Тие денеска добија признанија од Министерството за економија за најдобри постигнувања во туристичко-угостителскиот сектор, по повод Светскиот ден на туризмот.
Најуспешни туристички настани за 2012 година се „Галичка свадба“, „Звуците на чаршијата“ и „Пивофест“.
Министерот за економија Ваљон Сарачини на свеченоста истакна дека македонскиот туристички сектор и покрај економската криза бележи успех како резултат на преземените мерки од страна на Владата.
Македонскиот туристички производ станал поконкурентен на светскиот пазар и се зголемил туристичкиот промет во државата, оцени Сарачини, посочувајќи дека за тоа придонеле субвенционирањето на организираниот странски туристички промет, намалувањето на стапката за ДДВ од 18 на пет проценти во сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација.
Минатата година во однос на 2010 година бројот на туристите е зголемен за 10,5 проценти, а ноќевањата за 7,6 проценти. Туристичкиот нето-девизен прилив, потсети Сарачини, во 2011 година споредено со 2010 забележа раст за 21 процент и изнесуваше 240 милиони долари. Во првата половина од годината во однос на истиот период лани статистиката евидентирала раст на бројот на туристите за 7,8 проценти, од кои кај странските за 10,9, а кај домашните за 3,2 проценти. Во тој период кај домашните туристи се бележи зголемување за 0,9 проценти, а кај странските за 10 проценти. Тоа, според Сарачини, значи оти и оваа година ќе се повторат минатогодишните позитивни резултати и ќе се оствари поволен девизен прилив од туризмот и угостителството.
Тој информира дека за следната година се одвоени дополнителни 2,5 милиони евра за промоција на Македонија како туристичка дестинација. Значајна за успешноста на состојбите во туризмот догодина ќе биде и категоризацијата на хотелите.
- Согласно новиот Правилник за категоризација на хотели од пред два месеци изготвен со построги критериуми и според францускиот модел, очекуваме од 1 јануари сите хотели што треба да се категоризираат да го направат тоа, изјави Сарачини.
Одговарајќи на новинарски прашања, најави дека Министерството за економија ќе направи максимални заложби граѓаните што беа оштетени од туристичката агенција „Летс травел“ да бидат целосно или барем делумно обесштетени и оти ќе се работи да не се повторат такви случаи.
Министерството за економија традиционално по повод Светскиот ден на туризмот доделува признанија, плакети и благодарници за најдобрите „инкаминг“ туристички агенции, хотелиери и туристички настани, како дел од проектот „Најуспешни меѓу успешните“.