Потпишан договор за финансирање на проектот „Подобрување на водоснабдителен систем во Гостивар“

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на Швајцарија во Македонија Стефано Лазарото денеска потпишаа договор за финансирање на проектот „Подобрување на водоснабдителен систем во Гостивар“.

Адеми истакна дека Швајцарската амбасада преку Швајцарскиот секретаријат за економски работи (SECO) ќе помогне во финансирањето на проектот за подобрување на водоснабдителниот систем во Гостивар, што е директно надополнување на проектот „Проектирање и изградба на филтерска станица на системот за водоснабдување во Гостивар“.

- Со овој проект, МЖСПП и партнерите - општина Гостивар и Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гостивар трајно го решаваме проблемот со обезбедување нам квалитетна вода за пиење за околу 65 илјади жители од Гостивар и од околните населби, потенцира Адеми.

Севкупната потребна количина на вода се обезбедува од изворот Вруток.

- Заради потребата од континуирано обезбедување на пречистена вода за пиење, чиј квалитет одговара и на правилникот за безбедност на водата за пиење издаден од Министерството за здравство и на Европската директива за квалитет на вода за пиење, проектиравме и градиме пречистителна станица, додаде Адеми.

SECO ќе финансира дополнителни две компоненти. А компонентата предвидува изградба на нов резервоар за третина вода, со капацитет од 2.000 метри кубни, воспоставување мониторинг систем за подобрување на испораката на вода, поврзување на новата пречистителна станица за вода со десниот цевковод за транспорт на пречистена вода и обезбедување заштита на изворската вода за да се елиминира ризикот од загадување.

Б компонентата предвидува изработка на Студија за обезбедување вода за пиење за Гостивар, како предуслов за натамошно подобрување на системот за водоснабдување и предвидување на активностите за намалување на загубите на вода во системот. Директен корисник на проектот е ЈП „Комуналец“ и општина Гостивар, а индиректно жителите на Гостивар и околните населени места. Вкупната инвестија е околу 2,57 милиони швајцарски франци, од кои 2,3 милиони или 90 отсто се обезбедени од SECO, а останатите 260 илјади се обезбедени од општина Гостивар и ЈКП „Комуналец“.

Адеми информира дека соработката со Швајцарската амбасада и со SECO е проширена уште во неколку проекти, како изградба на пречистителна станица во Гевгелија, за брегалничкиот слив кој предвидува формирање регионални тела за овој слив, проект за природа и проект за образование на учениците во тој регион, проектот во Преспа...

- Нашата соработка следните четири години ќе биде фокусирана во секторот води и секторот животна средина, рече Адеми.

Амбасадорот Лазарото рече дека денеска Швајцарија ја потврдува својата поддршка во секторот за води во Македонија преку една нова соработка со МЖСПП и со општина Гостивар.

- Во МЖСПП имаме сигурен партнер на кој можеме да се потпреме и затоа можевме да оствариме соработка која резултураше во повеќе реализирани проекти, истакна Лазарото и најави оти соработката ќе ја продолжат и во иднина.