Промовирана Стратегија за намалување на насилството во училиштата

Неколку министерства и надлежни инстутуции партнерски ќе работат на спроведување на Стратегијата за намалување на насилството во училиштата 2012-2015, подготвена во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и усвоена од Владата пред десетина дена.

Нејзина главна цел е спречување секаков вид насилство меѓу учениците во сите основни и средни училишта, развивање стимулативна клима и соживот и безбедна училишна средина.

На нејзината промоција во ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во општина Гази Баба шефот на УНИЦЕФ во Македонија Шелдон Јет рече дека проблемите не се решаваат изолирано и од поединци, туку заеднички и со вклученост на наставниот кадар и локалната средина. - Спречувањето на насилството е многу поевтино и поефективно отколку да се реагира кога тоа се случува. Затоа нашата  цел е, всушност, насилството да не се случува, рече Јет.

Значењето на мултиресорскиот пристап во решавањето на проблемот со насилство меѓу децата го нагласи и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски. Тој ја посочи и важноста од сериозното вклучување на локалната самоуправа и поддршката од министерствата за внатрешни работи и за здравство. 

- Секој од нас има своја одговорност во процесот на борбата со насилството во рамки на улогата во општеството, заеднички ќе продолжиме за целосно искоренување на асоцијални појави  во училиштата, градинките и секаде каде што проблемот ги засега децата, рече Ристовски.

Министерот Панче Кралев рече дека стратегијата има превентивна улога, со точно прецизирани протоколи за постапување во случаи на насилство за наставниците, родителите, директорите и локалната самоуправа.  За борба против насилството МОН и МВР вчера го најавија и продолжението на проектот „Безбедност во училиштата“ кој почна лани, а годинава ќе опфати повеќе училишта. 

- За жал, случаи на насилство се уште имаме во училиштата. Бројките покажуваат дека успеваме малку да го намалиме, но се уште има многу работа пред да кажеме дека сме имале успешна битка во искоренувањето на такви девијантни појави.  Наша задача  како одговорни институции е да ги преземеме сите неопходни мерки тоа да го направиме со превенирање наместо со казни. Верувам дека имплементацијата на стратегијата во наредниот период ќе се одрази позитивно во намалување на насилството во училиштата, рече Кралев.

Министерот одговори дека немал официјална потврда од МВР за физичка пресметка за која некои медиуми објавија дека се случила меѓу деца од различна етничка припадност во чаирското ОУ „Цветан Димов“ преименувано во „Хасан Приштина“. Кралев апелираше до сите ученици и наставници активно да се вклучат во превенирање на насилство посебно, како што рече, кога тоа има етнички предзнак.

Во изјава за медиумите тој иформираше дека формираната комисија со членови од МОН и ЗЕЛС за четири до шест недели треба да ги одреди критериумите по кои ќе се донесува одлука за формирање комбинирани т.е. паралелки со ученици од различни одделенија. Целта, според него, е да се најде системско решение и во иднина да се избегне арбитрарно носење одлуки дали треба или не треба да има такви паралеки.

-Верувам дека набргу ќе имаат конкретни препораки како тоа да биде надминато. Во Македонија има огромен број комбинирани паралелки и фактот дека постои потреба за нив не може да се негира, зашто во некои средини, како руралните, нема доволно ученици. Но, условите под кои се носи одлука за комбинирана паралелка треба да бидат усогласени и ревидирани, истакна ресорниот министер.