Австриски компании заинтересирани за еко проекти во Македонија
Македонски и австриски компании денеска имаат можност да разменат искуства и да слушнат за предностите што ги нуди Македонија за реализација на проекти за заштита на животната средина на бизнис средбата „Технологии за заштита на животната средина“ што се одржува во организација на Стопанската комора на Македонија, Трговското одделение на Австриската амбасада во Скопје и Регионалната комора на Корушка од Австрија.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми ги повика австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија укажувајќи им дека тука ќе најдат сигурни и чесни партнери за соработка.
Македонија, посочи тој, ги усвои и целосно се усогласи со законите од Европската унија, а во фазата на имплементација потребна ни е поддршка од приватниот сектор, особено од земја членка на Унијата која ги има имплементирано овие стандарди.
- Со законите се дефинирани границите и принципите за поставување на системи за управување со разни типови отпад, но одредувањето на формата, начинот и оперативноста на системот е оставено како избор на индустријата, истакна Адеми.
Посочи дека имплементацијата за Законот за управување со отпад и пакување со отпад напредува и оти најголем дел од компаниите во индустријата ја користат можноста сами да управуваат со својот амбалажен отпад.
- Веруваме дека најголемиот број компании до крајот на оваа година ќе се усогласат со законите од областа на животната средина, не само поради избегнување на глобите, туку пред се поради нивната крајна цел-зачувување на ресурсите, енергијата и животната средина воопшто, што верувам е цел на сите општествено одговорни компании, нагласи Адеми.
Тој посочи дека за раководење со Југоисточниот плански регион има аплицирано само една австриска компанија со која се надева во најскоро време ќе биде потпишан договор за концесија
Соработката меѓу Македонија и Австрија во делот на економијата е одлична веќе подолг период, оцени претседателот на Австриската комора од Корушка Франс Пахер, посочувајќи дека целта на денешната средба е да се намали отпадот и да најдат партнери во секторот животна средина.
- Треба да работиме на секторот обновливи енергии, подготвување на смет, проектирање, системи, оценување и пречистителни станици за отпадни води, рече Пахер.
Директорот на првата компанија за управување со отпад од пакување Пакомак, Филип Ивановски посочи дека за да се постигнат целите согласно ЕУ директивите до 2020, треба да се направи систем како да се рециклира или енергетски да се искористи 60 отсто од отпадот од пакување, да се засили примарната мрежа на комунална инфраструктура за да се овозможи селекција на отпадот каде секој граѓанин ќе има можност одвоено да го фрли амбалажниот од останатиот отпад. Треба да се зголеми и капацитетот за секундарна селекција на отпадот и паралелно со овие две работи да се подига јавната свест во земјата за потребата од рециклирање на отпадот.
- Овие три работи бараат големи финансиски средства и затоа индустријата е таа што во најголем дел треба да ги финансира овие проекти преку Пакомак и другите компании од овој тип, рече Ивановски.
До 2020 година, тој најави дека треба да бидат поставени околу 10.000 контејнери за селекција на отпад и да се отворат најмалку три пункта каде што ќе се собира селектираниот отпад.