Бесими со регионални иницијативи пред министрите за одбрана на земјите-членки на СЕДМ
„Ние сме силно посветени кон унапредување на регионалната соработка. Само со искрена соработка меѓу соседите, дијалог и меѓусебно разбирање можеме да градиме доверба и на тој начин да го демонстрираме нашиот демократски капацитет и чувство на одговорност кон регионот. Досегашната успешна соработка во рамките на СЕДМ процесот докажува дека оваа иницијатива е успешен модел на соработка на земјите во регионот и пошироко и има клучна во воспоставувањето и продлабочувањето на дијалогот не само во областа на одбраната, туку и пошироко“, посочи министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими на денешната средба на министрите за одбрана на земјите-членки на СЕДМ иницијативата во Сараево, Босна и Херцеговина.
Потенцирајќи го актуелниот концепт „паметна одбрана“ министерот Бесими се осврна на иницијативите на Република Македонија во контекст на регионалната соработка и сличноста на оперативните потреби на земјите од регионот. „Добро обучените и сертифицирани истурени набљудувачи на воздушниот простор и Регионалните медицински здружени сили, претставуваат значајна можност за заемно остварување на потребните способности и капацитети“, истакна министерот Бесими.
Дополнително, како проекти кои заслужуваат внимание и воедно капацитети за користење од страна на армиите на НАТО земјите, земјите од регионот како и земјите-членки на СЕДМ, посочени беа иницијативата за балкански регионален пристап за воздушна одбрана (БРААД), „Цлеарингхоусе на Југоисточна Европа“, Регионалниот тренинг-центар за комуникации, Центарот за медицинска обука и армискиот полигон „Криволак“.
Отвореноста кон регионот и пристапот за регионален развој и унапредување може да се увиди и преку меѓународниот карактер на уписот на питомци-студенти на прв циклус студии во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, на која оваа година ќе студираат лица од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Како еден од елементите на кој Република Македонија придава големо значење е и Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), која, нагласи министерот Бесими, е исклучително важен дел од СЕДМ. „Во контекст на СЕЕБРИГ, Република Македонија изразува силна политичка волја за соодветен ангажман на бригадата преку селекција на најфункционалните можни начини на ангажирање на СЕЕБРИГ согласно капацитетите, способностите и современите ризици“, додаде министерот.
South Esat Defence Ministerial (СЕДМ), претставува процес на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (ЈИЕ) и тоа: Македонија, Италија, Грција, Албанија, Бугарија, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, САД и Украина и две земји набљудувачи, Молдавија и Грузија. За првпат беше инициран во март 1996 година, во Тирана, како прв од серијата состаноци на министрите за одбрана, замениците министри за одбрана и замениците началници на генералштабови на земјите од Југоисточна Европа. Суштината на СЕДМ процесот е јакнење на разбирањето и политичко-воената соработка во регионот, со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ.
Во рамките на СЕДМ функционира Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) која е составена од седум членки Македонија, Албанија, Турција, Грција, Италија, Бугарија и Романија. Локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е воспоставена на четиригодишна ротациона основа, и за период од јуни 2011-2015 се наоѓа во Лариса. Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите членки на двегодишен период. Во период од 2011 – 2013 година Командант на Бригадата е бригадниот генерал Здравко Поповски од Република Македонија.