Трета меѓународна конференција за предизвиците во секторот води во процесот на приближување до ЕУ
„Предизвиците во секторот води во процесот на приближување до Европската унија“ е тема на дводневната меѓународна конференција што денеска и утре се одржува во Скопје во организација на Здружението на даватели на комунални услуги во Република Македонија-АДКОМ и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Скопје.
Целта на третата меѓународна конференција за води, според министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми е преку презентирање најнови техники и искуства, како од државните институции, така и од меѓународни релевантни компании кои се занимаваат со оваа проблематика и пренесување искуства на домашните претпријатија пред се во утврдување, имплементација и спроведување на европските барања.
- Конференцијата ќе помогне во дефинирање на јасни насоки и цели за подобро управување со отпадните води, размена на искуства со цел воведување методологии и подобри техники за поефикасен третман на отпадните води, како и за изнаоѓање услови за финансирање. Ова ќе биде од корист не само за јавните претпријатија, туку и за нас како ресорно министерство надлежно за проблематиките од областа води, истакна Адеми на отворањето.
Министерсвото, додаде, ги следи европските барања во делот на третманот на отпадните води и постигнавме голем степен на транспонираност.
- Во следниот период дополнително ќе се насочиме кон идентификација и официјално прогласување на чувствителни подрачја на испуштањето отпадни води и на агломерациите во Република Македонија. Многу од активностите ќе бидат фокусирани кон подобрување на мониторингот на отпадните води и соработка меѓу институциите и интегриран пристап во управувањето на водите, нагласи Адеми.
Претседателот на АДКОМ Зоран Илиоски посочи дека Здружението се обидува да го подобри дејствувањето на комуналните претпијатија во Република Макеоднија со цел давање подобри услуги кон граѓаните.
- Со овие конференции очекуваме да стекнеме поголемо влијание на новите технологии во светот и тие да ги примениме во земјава, рече Илиоски.
Тој оцени дека Македонија има доволни количини вода, но оти мора да се води сметка за нивно рационално користење.
Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ Стојан Србиновски нагласи дека секоја размена на искуства е добродојдена и оти секогаш кога има можност ја имплементираат.
- Во делот на намалување на губитоците на вода, скада системот, подобрување на третманот на отпадните води и други технолошки достигнувања кои се тековни во Европа се трудиме и во Македонија да ги донесеме и приближиме кон граѓаните, подвлече Србиновски.