Дводневна регионална текстилна конференција во Скопје

Согледувањето на условите во кои егзистира и функционира текстилната индустрија на Балканот и во поширокиот регион и размената на искуствата на експертите и компаниите за перспективите за побрз излез од кризата и за зголемување на конкурентноста на текстилниот сектор е целта на дводневната регионална текстилна конфренција на тема Одржлив развој на текстилната индустрија, што денеска беше отворена во Скопје. На конференцијата присуствуваат експерти од Србија, Хрватска, Албанија, Турција, Бугарија, Италија, Хочандија и Македонија.

- Извозот на текстилни производи изнесува околу една петтина од вкупниот извоз од Република Македонија и на годишно ниво достигнува вредност од околу 500 милиони евра. Текстилците традиционално најмногу извезуваат во земјите на ЕУ, каде оди повеќе од 80 отсто од вкупниот извоз на текстилни производи, па сосема разбирливо е ефектите од кризата да се почувствуваат и во нашиот текстилен сектор. Најголем партнер во извозот е Германија со 49 отсто, а следуваат Грција, Холандија, Италија, па посебно e важно што на оваа конференција имаме гости кои се дел од овие наши традиционални партнери и кои ќе ги споделат своите искуства и знаења, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на отворањето на конференцијата.

Текстилната индустрија, нагасли, својата иднина треба да ја гледа во зголемување на извозот, со промена на структурата од лон кон извоз на готови производи.

- Во Македонија итно треба да се подобри имиџот на текстилната индустрија за да можеме да пласираме квалитетни и нови брендирани производи. За да дојде до тоа треба да се размисли и за измена и дополнување на наставните програми во средните училишта и на факултетите за да се учи тоа што е најново на светскит пазари, рече Сарачини.

Маријана Перковска, претседателот на Кластерот за текстил посочи дека во услови на рецесија нормално е да се бележи намалување на нарачките во текстилната индустрија која не може да биде изземена од актуелните случувања.

- Сепак постојат индикации на подобрување на состојбата бидејќи она што се случува во светот на некој начин може поволно да влијае на текстилот во Европа, бидејќи се намалуваат нарачките од Кина и Индија, а со тоа европските земји се во поголема предност во производството на текстилните производи. Во Македонија во последните два месеца се бележеше пад на нарачките од околу 30 до 40 проценти, но од почетокот на месецов има тенденција на зголемување на нарачките, рече Перковска.

Во врска со преструктуирањето на македонската текстилна индустрија од лон кон сопствено производство, рече дека се уште не се постигнати резултати на тоа поле какви што би сакале производителите.

- Тоа е процес што треба да почне прво во образовниот процес, а потоа треба да има поддршка со кредитни линиии за набавка на опрема за модернизација и автоматизација на производството со цел зголемување на продуктивноста, нагласи Перковска.

Италијанскиот експерт Франческо Пелизари од Workshop Italy напомена дека во текстилниот сектор во Европа има најмалку пет различни региони.- Првиот е северна Европа, поточно Германија, Англија и Скандинавија, каде индустријата е фокусирана на технички и текстил со висок квалитет. Вториот е  Медитеранскиот регион, Италија, Шпанија, Португалија и Грција каде има големи проблеми и каде текстилната индустрија е фокусирана на модата и дизајнот што не се толку добар сегмент како во минатото. Третиот се состои од новите членки на ЕУ од Источна Европа, Полска, Чешка, Балтичките земји каде локалната индустрија многу често работи со италијански и шпански компании. Четвртиот се Балканските земји вклучително и Украина каде преовладува лон производството и имаат проблеми со профитабилноста. Петтиот регион е Јужно-медитеранскиот во кој практично не се европски земји како Мароко и Тунис, но кои се многу поврзани со Европа, а особено со Италија, Франција и Шпанија. Тие имаат многу проблеми поради политички причини. Специјален регион е Турција, која делумно припаѓа на Европа, а делумно не, каде текстилната индустрија е голема колку и во цела Европа, рече Пелизари.

Директорката на српскиот Кластер на модната индустрија, Слаѓана Милојевиќ нагласи дека за разлика од останатите балкански држави Србија најмногу се потпира на своите текстилни брендови кои се познати во регионот.

- Србија развојот на текстилната индустија го темели на соработка со науката и на постојаното унапредување на технологијата и производството. Покрај тоа има познати светски фирми кои целото сопствено текстилно производство го префрлија во Србија како што се Фалкон и Бенетон, рече Милојевиќ.