Благодарност од Јанкулоска до полициските службеници што спасија од сигурна смрт две лица

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска додели благодарници на четворицата полициски службеници кои во изминатите денови со својата хуманост и пожртвуваност спасија од сигурна смрт две лица.

Во првиот случај полициски службеник спаси девојка која скокајќи од мост во реката Вардар се обиде да се самоубие, додека во вториот  тројца припадници на граничната полиција помогнаа да се спаси живот  на повредено лице од село Танушевци.

Полицискиот службеник Дритон Беца кој со неговиот колега Зоран Србиновски навреме му укажаа прва помош на повреденото лице од Танушевци и помогнаа да биде транспортирано во болница изјави дека кога од нив била побара помош биле на работните места и се потрудиле максимално да ги преземат сите неопходни мерки.

- Кога го видовме повреденото лице беше облеано со крв. Колегата Србиновски даде прва помош, а јас го возев со нивното возило бидејќи неговиот придружник беше стар и не можеше да управува со возилото. Се пресретнавме со Брзата  помош кај селото Бродец на кои им се заблагодарувам затоа што реагираа брзо и ефикасно и успеавме  да го пренесеме повредениот до болницата 8-ми Септември во Скопје, изјави Беца.

Според Јанкулоска, полициските службеници со своите постапки потсетиле на хуманоста на полициската работа бидејќи, како што рече,  се почесто сме сведоци  кога преокупирани од дневните настани и проблеми луѓето забораваат на човечноста и на хуманоста.

- Овој чекор уште еднаш ја потврдува нашата  основна определба и заложба, а тоа  е да бидеме вистински  сервис на граѓаните. Колегите  спасувајќи го лицето практично реагираа во услови кога беа на своето  работно место, додека другиот колега воопшто не бил на смена кога го спасил  лицето  кое се обидувало да изврши самоубиство, изјави Јанкулоска.

Тоа, додаде, покажува оти полициските службеници се подеднакво  посветени и хумани и кога се и кога не се на работа, пред се заради лојалноста кон професијата и лојалноста кон граѓаните кои се практично основата на нашето дејствување.