Реализирана акцијата „Македонија без отпад 2012“

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми и заменик министерот Стево Темелковски, денеска се вклучија во централната акција на кампањата „Македонија без отпад 2012„, која  се спроведе на локацијата див пазар под скопската тврдина Кале.

Во акцијата која е иницирана од граѓанскта асоцијација „Ајде Македонијо“, а под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање, се приклучија и шведскиот и словачкиот амбасадор, Ларс Валунд и  Роберт Кирнаг.

Отпадот денеска се чистеше на 436  пријавени локации во 50-тина општини во државава. Акцијата ја поддржа и Градот Скопје како  и скопските општини Центар, Карпош, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Аеродром и Ѓорче Петров. Со свои активности се вклучија и други министерства, Дирекција за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи,  ЈП Македонски шуми и сите јавни претпријатија што се грижат за комуналните дејности, а и ЗЕЛС, Регионалниот центар за животна средина во Македонија (РЕЦ), компанијата ПАКОМАК, Еуро Еко-пак, Црвен Крст на Македонија, PEACE CORPS волонтери и др. 

Главниот акцент на активностите е ставен на собирање и правилно одложување на отпадот, но се реализираше и едукација и тоа  во вкупно 225 основни и 62 средни  училишта со предавање на теми за отпад од еколошкиот мултимедијален „Зелен пакет јуниор„. 

Со оваа кампања, граѓаните на Република Македонија се вклучија во глобалната акција - Let's do it! World 2012, која е и официјално поддржана од Европскиот Парламент и се одвива во 85 земји.