Предлог-националната стратегија за развој на културата овој месец на јавна расправа

Предлог-националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот 2012-2017 на 18-ти месецов ќе биде на јавна расправа, а по прифаќањето од Владата ќе биде доставена во собраниска процедура. Таа беше повод за работна средба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Владо Камбовски, а  попладне неа ќе ја разгледува и Советот за култура.

По средбата со првиот човек на МАНУ, Канческа-Милевска нагласи дека стратешкиот документ е оперативен и има акциски план со точно дефинирани насоки за развивањето на сите дејности во културата во следните пет години. Акцискиот план ќе ја следи примената на стратегијата, а Министерството за култура еднаш годишно ќе му доставува извештај на Собранието на РМ. Токму тоа, нагласи министерката, ја разликува новата национална стратегија од претходната, за 2004-2008, која била само програмски документ без јасни цели и приоритети.

- Новата стратегија за развој на културата не е декларативен, туку оперативен стратешки акт во кој врз основа на детаљни и сеопфатни анализи се детектирани состојбите во областа на културата и се утврдени мерливи и остварливи решенија кои ќе придонесат кон развојно поместување на културата и нејзина самоодржливост. Во нашата држава првпат се изработува ваков стратешки документ за развој на културата, кој е базиран на стручни и научни сознанија и демократска процедура и постапка на донесување од страна на Собранието на РМ, изјави Канческа-Милевска.

Во подготовката на документот учествувале многу стручни лица од Македонија и од странство. Нацртот им бил доставен на 150 релевантни субјекти од областа на културата - МАНУ, надлежни институции - национални и локални, невладин сектор, независна културна сцена... Од нив, околу 95 одговориле со сугестии и забелешки и нив Министерството ги вградило во документот.

Академик Камбовски ја истакна партнерската подготвка  на документот меѓу државата и културата. - По толку години транзиција, со овој документ јасно ќе биде дефиниран односот меѓу државата и цивилната сфера, кој е на рамниште на европските барања. Подготвуван  е транспарентно од самиот почеток, со целосна отвореност кон сите забелешки и сугестии што ги имаше и МАНУ. Очекувам дека  заемното почитување и соработката ќе продолжат до усвојувањето на документот, рече Камбовски. Тој очекува и Парламентот да ја прифати стратегијата како документ од општ интерес за културата, образованието и науката и дека нема да биде вовлечена во политички и партиски конфронтации.

МАНУ од своја страна имал повеќе конкретни забелешки во однос на националната стратегија кои, како што рече Камбовски, се однесувале на прашања на мултикултурализмот и интеркултурализамот, на состојбата на македонскиот јазик и култура, заемното влијание и содејство со другите култури на оваа почва и нивна заштита и одржлив развој.

Меѓу приоритетите кои како насоки се содржани во документот се и осовременување на правописот на македонскиот литературен јазик, подготовка на опширна граматика, етимолошки речник, комисии за вреднување на уметничкото творештво...