Индиските компании преку Македонија до европскиот пазар
Висока владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во чиј состав се и министерот без ресор за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо денеска ги презентираа можностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмените на Хидерабат, економскиот центар на индиската држава Андра Прадеш.
Како што соопшти Министерството за финансии, Андра Прадеш е една од економски најразвиените од 28-те држави во Индија со популација од 70 милиони жители. Градот Хидерабат, пак, се смета за база на фармацевтската индустрија, биотехнологијата, како и бизнисот со недвижнини.
- Вицепремиерот Ставрески и членовите на македонската делегација денеска пред 80 компании ги презентираа поволностите кои ги нуди Македонија на странските инвеститори. Беше истакнато дека Македонија е земја со најниски даноци во Европа, како и една од најдобрите бизнис дестинации со добра бизнис клима, како што беше на повеќе пати посочено од релевантните меѓународни институции, стои во соопштението од Министерството за финансии.
Од страна на индиските компании, кои бараат влез на европскиот пазар, бил искажан голем интерес за условите кои ги нуди Македонија за инвеститорите. Биле воспоставени контакти и се очекува процесот да продолжи со нивно доаѓање во земјава, на лице место да ги видат можностите.
Ова е четврта дестинација во Индија за инвестициските презентации на владината делегација. Пред тоа презентации беа одржани и во Њу Делхи, Бангалор и Тривандрум. Владината делегација продолжува со прикажување на инвестициските можности пред индиските компании и утре во Ченаи.