Македонија ќе воспостави систем за финансиско разузнавање според норвешкиот пример
Преку проект во вредност од милион и 730 илјади евра и според норвешкиот пример македонската Управа за финансиско разузнавање за околу две години ќе воспостави систем за електронско поврзување на сите субјекти што се вклучени во борбата против перење пари и финансирање тероризам.
Договорот за реализација на проектот за воспоставување на системот го потпишаа денеска во Скопје директорите на Управата за финансиско разузнавање и норвешката организација „Генус“, Владимир Атанасовски и Гаир Бергман.
Од планираните 1.730.000 евра, Кралството Норвешка обезбедува 1.430.000 евра. Со тие пари и со поддршка на Единицата за финансиско разузнавање на Норвешка ќе се изработи софтверско решение за размена на информации по електронски пат помеѓу Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Управата за јавни приходи. Со тоа ќе престане праксата за доставување податоци од дел од институциите во хартиена форма.
Системот треба да биде оспособен за 14 месеци, по што ќе следи едногодишен тест период. За проектот околку 300 илјади евра обезбедува македонската држава, за финансирање на хардверска опрема, простории, плати за вработените...
- Примената на овој систем ќе придонесе за значително подобрување на комуникацијата и намалување на времето за анализа на случаите кои се предмет на работа во Управата. Корисниците на овој систем ќе имаат ефикасна алатка за извршување на работните задачи, а ќе се зголеми и ефикасноста при анализата на податоците и генерирање извештаи, рече по потпишувањето на договорот директорот Атанасовски.
Проектот се состои од две компоненти. Во првата се предвидени активности за соработка и усогласеност со субјектите и институциите во доставување податоци и размена на информации. Ќе се развие модерна „веб апликација“ со целосен дизајн и функционалности за користење за корисниците, банки, менувачници, брз трансфер на пари, нотари и сите останати субјекти, со цел побрзо, посигурно и поефикасно доставување на податоците. Во втората компонентна ќе се работи на имплементација на автоматска обработка на податоците во Управата, напредно менаџирање на случаи, визуелна анализа, проток на информации, интелигентни пакети и разузнавачки извештаи.
Според Бергман, Норвешка има воведено апликација против перење пари од 2008 година и има резултати. - Ќе дадеме се од себе за да обезбедиме спроведување на проектот. Наша цел е да ја воведеме апликацијата во борбата против тероризмот и перењето пари, наведе Бергман.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот Атанасовски рече дека по известувања од Управата за финансиско разузнавање, досега Управата за јавни приходи наплатила даноци во износ од 350 милиони денари.