Груевски: По новата препорака очекуваме и почеток на преговорите со ЕУ

Обраќање по повод добивањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот
на Република Македонија во 2012


Владата на Република Македонија го поздравува овогодинешниот извештај на Европската комисија,и истиот го цени за коректен и реален и прецизно го отсликува напредокот на Република Македонија во процесот на нашата интеграција во Европската Унија.

По четврти пат по ред, Комисијата смета дека целосно ги исполнуваме условите за започнување на пристапните преговори и по четврти пат му препорачува на Советот да донесе одлука за почеток на преговорите со Република Македонија.  

Работевме напорно од првиот ден по објавувањето на извештајот минатата година, како што работевме посветено и пред тоа и како што ќе продолжиме да работиме од утре натаму, во партнерски однос со Европската комисија и Делегацијата на Европската Унија.

Како и минатите години, детално ќе го изанализираме Извештајот, ќе ги детектираме нашите слабости и ќе развиеме акционен план како истите да ги отстраниме и да продолжиме натаму да го усогласуваме нашето законодавство со она на Европската Унија и да го јакнеме капацитетот и способноста на нашите институции за имплементација на тоа законодавство.

Нашата цел никогаш и никој не треба да ја става под знак прашање, таа е една и единствена, сакаме почеток на пристапните преговори и сакаме час поскоро да станеме и членки на Европската Унија. Во исто време го охрабруваме Советот на Европската унија, односно сите нејзини членки, да не подржат во тие напори, исто како што сите овие години не подржува Европската комисија.

Институциите во изминатиот период акумулираа доволно знаење и искуство, кое ми дава за право, со целосна одговорност, да кажам и потврдам дека сме спремни да ги започнеме преговорите во секој момент. За да не бидам сфатен погрешно, ние сме целосно свесни кои се предизвиците пред нас, од денеска до декември, кога Советот ќе одлучува по оваа препорака на Европската комисија, но и од декември натаму.

Пристапниот дијалог на високо ниво, идејата која ја лансиравме заедно со претседателот на Европската комисија, г-динот Баросо, а ја реализиравме со безрезервни вложувања и посветеност заедно со комесарот Фуле, беше новиот извор на толку потребната енергија за реализација на нашите приоритети. Овој дијалог обезбеди форма на наша директна и лична комуникација и платформа која овозможи да се концентрираме на приоритетните прашања во моментов, со чија реализација, се согласивме, дека Македонија ќе постигне мултиплициран ефект. Јавно се заблагодарувам за поддршката од членовите на мојата Влада во овој процес и лично на комесарот Фуле за неговиот безрезервен ангажман, на ангажманот на г-динот Санино и на целиот тим на Генералниот директорат за проширување. Во историјата на нашите односи никогаш еден Комесар и Генерален директор на Европската комисија не ја посетувале толку често Македонија, што говори за еден активен и ангажиран однос на нашите партнери и разбирање на нашите потреби.

Ги поздравуваме оценките од Извештајот дека Македонија и понатаму напредува во исполнувањето на политичките критериуми. Преку парламентарен дијалог, стабилна владина коалиција и имплементација на Охридскиот договор како основа на добри меѓуетнички односи, постигнавме напредок во сите области од политичките критериуми, а особено оние кои беа во фокусот на Пристапниот дијалог на високо ниво. Само да ги споменам, реформите во судството и подобрување на неговата ефикасност и независност, реформите во јавната администрација, слободата на изразување и воспоставување на фер и коректни односи во медиумскиот простор, изборното законодавство, борбата против корупцијата и конфликтот на интереси, процесот на децентрализација и т.н. Собранието е во постапка за усвојување на неколку важни законски акти, за кои сум убеден дека успешно ќе се финализира.  

Кај оценките за економските критериуми, со задоволство констатираме дека Европската комисија ги препознава нашите огромни напори да напредуваме во насока на целосно функционална пазарна економија. Имаме добра стартна основа за наредната година да постигнеме и подобри резултати.

Во делот на прифаќањето на европското законодавство, Македонија континуирано напредува и систематски ги прифаќа многубројните европски регулативи и директиви, а воедно работи на подобрување на капацитетите за нивна доследна имплементација. Отсуството на одлука за преминување во втората фаза, не не спречува да работиме на целосна имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Така и ќе продолжиме.

Би сакал да нагласам дека регионалната соработка останува и натаму во центарот на нашата надворешна политика, свесни дека во основата на ваквиот пристап, се кријат решенијата на сите несогласувања и недоразбирања, кои за жал, се уште се реалност на нашите простори. Македонија секогаш беше и ќе биде активен чинител на сите регионални иницијативи.

Во овој контекст, би ги истакнал нашите заложби и спремност за одржување и натамошно развивање на добрососедските односи со сите наши соседи.

Продолжуваме со силна посветеност на реформите, со проекти, мерки и чекори кои треба да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните во овие тешки услови на голема светска криза, и со тоа да и помогнат на Македонија за поуспешно соочување со кризата.  

Македонија е цврсто определена да продолжи да гради функционална држава со мултиетнички карактер, силна и конкурентна економија и највисока можна соработка со сите наши соседи и поширокиот регион. Убедени сме дека за секој проблем, постои и решение. Потребна е желба да се најде решението и потребно е да се пронајдат патиштата до тоа решение. Со доделувањето на датум за пристапни преговори, Советот на Европската Унија и земјите членки, ќе отворат едно ново поглавје за нашата земја, но и за регионот, чин кој ние ќе знаеме да го цениме и вреднуваме, и на него да одговориме како и досега, со напорна работа.

Овој успех, денес, е успех на сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната етничка, верска, партиска или било каква друга припадност. Денес Македонија доби потврда на тоа што го вложи и сработи во целиот овој изминат период, низ сите дискусии, политички дебати, донесени закони, за цела посветеност и енергија. Ние сме горди на овој успех.