Министерот Адеми во Охрид го отвори 4-от Конгрес на екологистите на Македонија

Повеќе од 270 научни работници, експерти од областа на екологијата и гости учествуваат во работата на 4-от Конгрес на екологистите на Македонија што од денеска до 15 октомври ќе се одржува во Охрид.

- Одржувањето на овој меѓународен конгрес е од големо значење како за еколозите од Македонија, така и за нас како институција одговорна за животната средина, со оглед на тоа што ова е единствен научен собир од ваков тип што се организира во државава, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми во обраќањето пред учесниците на Конгресот.

Тој притоа ја нагласи целисходноста и ползата од ваквите активности и собири на кои се обработуваат научни и стручни теми, независно што Министерството за животна средина и просторно планирање во најголем дел ја има регулирано областа, преку усвоените закони и подзаконски акти усогласени со европската норматива.
 
- Тие се алатка за следење на развитокот на научната и истражувачката мисла и во домашните и во меѓународните научни кругови. Свесни сме дека добар закон е применливиот закон. За да можат законските и подзаконските акти, кои ние ги донесуваме, добро да ја уредат областа, мора да се засновани на добра и научно издржана основа. Затоа, Вас, научната јавност Ве сметаме за важен партнер, а Вашите научно-истражувачки трудови како важен суплемент при донесување на добри одлуки и водење на добри политики, додаде Адеми на отварањето на Конгресот.

Претседателот на Македонското еколошко друштво, Љупчо Меловски, истакна дека за еколозите од Македонија, од земјите од регионот и пошироко, ваквите собири се важни настани оттаму што тоа се единствените можности да се презентира работата на еколошките друштва, но и за размена на искуства.

Професорот Златко Левков од Природно-математичкиот факултет во врска со заштитата на Охридското Езеро како наше најголемо природно богатство истакна дека погрешен е пристапот тоа да се користи како акумулација за производство на електрична енергија.

- Ова е најзначајниот воден еко-систем во Европа и меѓу трите најзначајни водени еко-системи во светски рамки и секое манипулирање со езерото претставува можност за катастрофа. Нивото на водата би требало да биде контролирано, и ниту во еден миг не би требало да има нагли испуштања на вода бидејќи на тој начин се нарушува еко-системот и крајбрежната флора и фауна, рече Левков.

Тој појасни дека истражувањата спроведени во Охрид и Преспа изминатите десет години ги посочуваат процесите на внесување на хранителни материи преку комуналните отпадните води како главни проблеми за загадувањето. Дополнителен проблем се и пловилата кои испуштаат горива и деривати, како и масла, кои прават значителни проблеми во однос на загадувањето, рече Леков. 

Инаку, Конгресот во Охрид е од меѓународен карактер, со присуство на експерти и гости од Турција, Норвешка, Швајцарија, Германија, Италија, Грција, Албанија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово. На форумот во Охрид ќе бидат претставени вкупно 183 научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина.

Организатор на собирот е Македонското еколошко друштво, кое годинава одбележува 40-годишен јубилеј.