Бесими: Препораката на ЕУ за преговори е порака спорот да се реши
Препораката на Европската Комисија, за отворање на преговори за членство со Македонија без натамошно одлагање, е сигнал до Македонија и до Грција што побргу да се реши спорот за името, изјави министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими, по неговите средби во Вашингтон.
- Спорот за името е неизбежна тема на ваквите состаноци и кога зборуваме за евроатланската интеграција секогаш се поставува прашањето до каде е напредокот во однос на спорот. Во последниот извештај на Европската Комисија се повторува препораката до Советот на ЕУ да се определи датум за преговори без понатамошно пролонгирање. Ова е еден сигнал до двете страни, до Македонија и до Грција, ова прашање побргу да се реши во интерес на Македонија, Грција и регионот. Позитивен чекор е испратениот меморандум за разбирање од грчкото Министерство за надворешни работи и очекуваме да дојде до соодветни средби и да се дојде до решение за ова отворено прашање, изјави Бесими.
Министерот во Вашингтон имаше средби со Џејмс Милер, потсекретар за политика во Секретаријатот за одбрана, Џулиен Смит, заменик советник за национална безбедност во кабинетот на потпретседателот Џо Бајден, и со Филип Рикер, заменикот помошник државен секретар.
Во Вашингтон Бесими одржа предавање на универзитетот „Џон Хопкинс“, во кое упати пораки за меѓусебно разбирање и соработка кон Грција, како и за исполнување на даденото ветување – членство на Република Македонија во НАТО.
За време на прашањата, гласно смеење во салата предизвика грчки учесник кој на министерот Бесими „му одржа предавање“ за грчката историја на Македонија и ги обвини македонските власти за иредентизам, покажувајќи фотографии од мапи на древна Македонија во македонските училишта и од собири на македонската дијаспора во северна Америка.
- Македонија и Грција имаат секојдневна размена, во туризмот, за шопинг, за бизнис, со грчки инвестиции. Мојата сметка е во грчка банка, секое утро автомобилот го полнам со бензин од грчкиот инвеститор Окта. Да, треба да најдеме решение и Македонија да стане
членка на НАТО, што е во интерес и на Македонија и на Грција. Потоа, како партнери, може да најдеме решение и за ваквите прашања. Јас верувам во добри односи, и мора да разберете дека ваквите мапи не претставуваат закана, одговори министерот Бесими.
Во поддршка на овој став се јави и албанскиот амбасадор во САД Гилберт Галанџи, кој рече дека балканските земји треба да гледаат во иднината и дека историјата може да донесе само проблеми. Галанџи, сепак, наведе дека мајката на Александар Македонски била Албанка.
Домаќинот во универзитетот Џон Хопкинс, професорот Даниел Сервер, изјави дека во својот ангажман со Балканот постојано е изненаден од тоа колку често токму од Македонија доаѓаат разумни и помирливи идеи, и додаде дека најдобра гаранција за грчките територијални граници е ако Македонија стане членка на НАТО.
Членството на Македонија во НАТО е ветување кое им било дадено на граѓаните, и кое мора да биде исполнето, рече Бесими, во интерес и на стабилноста на Европа, притоа предупредувајќи дека во спротивно можат да се зајакнат радикалните политички опции. Министерот Бесими и професорот Сервер ја истакнаа можноста за членство на Македонија во НАТО согласно пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, според времената референца, како еден начин да се надмине спорот.
Министерот Бесими рече дека бил критикуван во Македонија поради поклонување на споменик на припадниците на ОНА, но и од албанската заедница во Македонија поради посетата на Белград и средбите со српски претставници кои учествувале во војната на Косово.
- Јас сакам да работам за иднината, и плаќам политичка цена за тоа, изјави министерот Бесими.
За време на својата посета, министерот Бесими учествуваше на форум на млади лидери на универзитетот Јеил, зборуваше на универзитетот Харвард и имаше средби со претставници на дијаспората и во Атланскиот совет на САД.