Конференција: Државните субвенции и иновативните проекти можност за развој на занаетчиството
Во Македонија има голем потенцијал за развој на занаетчиството, но занаетчиите не покажуваат интерес за субвенциите што ги нуди државата за поддршка на нивни проекти. Треба да се работи на нивна едукација за придобивките од државните програми. Со помош на државата, како и со иновативни проекти, можат да ги ублажат последиците од економската криза, да го развијат бизнисот и да отворат работни места.
Тоа се дел од оценките изнесени на конференцијата „Потенцијалите на занаетчиството за економски развој во регионот“, што се одржува денеска во рамки на 13. Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство на Скопскиот саем.
Со тековниот повик на Министерството за економија за финансиска поддршка на занаетчиски проекти, државата одвојува милион и 200 илјади денари, со кои се доделуваат по 5.000 евра. Тој износ преку повик беше понуден и во периодот од март до јули годинава, но аплицирале само тројца занаетчии и тоа со неиздржани проекти. Повторениот повик трае до 1 ноември и според министерот за економија Ваљон Сарачини е можност за занаетчиите да достават конкретни и издржани проекти што ќе помогнат во нивниот развој. - Факт е дека парите ги имавме, но немавме интерес од занаетчиите да аплицираат за вакви проекти. Затоа и предложив на Владата да го продолжиме повикот до 1 ноември. Правиме напори тоа да го промовираме што е можно повеќе. Досега се поднесени пет апликации и останува да видиме колку од нив ќе имаат конкретни проекти, рече министерот Сарачини.
Апелира до сите занаетчии да аплицираат за поддршка до Министерството за економија за да може да се направи проценка. Доколку се види дека навистина има голем интерес, истакна, сега кога се уште сме во фаза кога треба да се предложи буџетот до Министерството за финансии, за следната година ќе предложиме да се одвојат повеќе средства. - Битно е да има интерес, да имаат конкретни производи, да се подобри имиџот и да се подигне свеста кај занаетчиите дека навистина има кој да им помогне во оваа насока, рече Сарачини.
Глигор Цветков, претседател на Македонската занаетчиска комора, оценува дека слабиот интерес на занаетчиите за искористување на државните програми е резултат на нивната неинформираност. - Тоа се фирми со помал обем, со еден до двајца вработени и сигурно им треба поголема едукација околу подготовка на конкретните проекти. Сепак, нашето занатечиство се уште се сведува на мал број вработени. Се надевам дека со помош на Министерството за економија како комора ќе направиме едукација во иднина овие средства да бидат искористени, изјави Цветков.
Во однос на достапноста до кредити за занаетчиите, Цветков истакнува дека банките се однесуваат кон нив како и кон големите фирми, односно не влегуваат во ризици и бараат издржани проекти. Вообичаено занаетчиите се со помал капитал и потешко обезбедуваат хипотеки, посочи Цветков.
Како дел од активностите на овогодишното издание на Меѓународниот саем за занаетчиство, занаетчиските комори на Македонија и на Хрватска иницираа потпишување меморандум за соработка.
Според претседателот на занаетичската комора на Хрватска Драгутин Раногајец, занаетчиите можат да се изборат со кризата бидејќи на неа треба да гледаaт како на можност за развој и за отворање работни места.
- Во Хрватска нема дотации од државата за развој на занаетчиството, освен од програмите на министерството што ги добивме оваа година. Во хрватскато занаетчиство во последните три години затворени се повеќе од 30.000 занаетчиски дуќани, но имаше и отворање на некои нови, така што останавме на 87.000. Верувам дека конечно го допревме дното и оти ќе тргнеме кон опоравување. Кризата е секогаш и шанса за оние кои знаат, можат и сакаат да направат повеќе за себе, но и за отворање работни места, изјави Раногајец.