Груевски: Учеството на Конгресот на ЕПП можност за лобирање за интересите на Македонија
Присуството на Конгресот на Европската народна партија што се одржува во Букурешт за премиерот Никола Груевски е можност да се остварат контакти со повеќе претседатели на партии нејзини членки, како и важни личности од европските земји и да се лобира за интересите на Македонија.
- Ова е добра можност да се направат формални или неформални средби со поголем број претседатели на партии кои што се членки на ЕПП, премиери, луѓе кои што се во нивните делегации, министри за надворешни работи, на некој начин да се лобира, да се споделат информации да се дадат наши видувања на некои работи, да се чујат нивните видувања, изјави Груевски кој заедно со повеќечлена партиска делегација присуствува на Конгресот на ЕПП.
Ова, додава премиерот Никола Груевски, е еден значаен настан на Европската народна партија, настан на кој што сме дојдени во една поголема делегација со цел да направиме што повеќе контакти и да направиме што повеќе добри чекори за Република Македонија.
На Kонгресот, чија главна тема е „Повеќе Европа“ присутните ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочува европскиот континент, како и интензивирањето на взаемната соработка меѓу европските држави, а во текот на денешниот ден обраќање ќе има и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тема на овој Kонгрес се и предизвиците со кои се соочуваат државите од Европа, наметнати од глобалната европска криза, како и изнаоѓање взаемни механизми за нејзино поефикасно надминување и засилување на економската соработка.
На Kонгресот на Европската народна партија (ЕПП) учествуваат 2.000 членови, вклучувајќи 16 шефови и премиери на држави-членки на Европската унија. Меѓу присутните во Букурешт кои ќе се обратат на Конгресот се германскиот канцелар Ангела Меркел, претседателот на ЕК Жозеф Мануел Баросо, актуелниот лидер на Европската народна партија (ЕПП) Вилфред Мартенс...
ЕПП е најсилната политичка групација во Европскиот парламент. Влијанието на Европската народна партија е одлучувачко на повеќе нивоа, вклучувајќи ги раководните функции на трите најзначајни европски институции Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент.