Трибина на ССМ: Безбедноста при работа инвестиција која повеќекратно се враќа

Инвестирањето во здравјето и безбедност при работа не претставува трошок туку добра инвестиција, која повеќекратно се враќа. Тоа во многу случаи е движечка сила за развој на економијата на една земја. Континуирано треба да се работи на унапредување на здравјето и безбедноста, а не само во екстремни услови, се согласуваат учесниците на трибината „Улогата на извршната власт во обезбедувањето поддршка за безбедност и здравје при работа“.

- Ние во Финска имаме направено пресметки дека за вложено едно евро во унапредување на здравјето и безбедноста при работа назад добивате од три до седум пати за многу кусо време. Се надеваме дека ќе може да ги стимулираме сите оние кои донесуваат одлуки за да инвестираат повеќе во оваа сфера, рече Ерки Ирјанхејки, синдикалец од Финска.

Спред него, добро е што во Македонија е констатиран голем напредок во оваа сфера што, како што рече, се гледа и од извештајот на ЕК. Но, додаде, мошне  е важно тие да се пресликаат директно на секое работно место, а во тоа може да помогне Владата преку своите мерки и институции, како и синдикатите и работодавачите со заедничка работа. 

Во Финска, додаде, се обидуваме да ги сведеме на нула или минимум несреќите на работните места, односно водиме политика на најголема можна превентива. Се разбира, рече, тоа не може да се спречи во целост, па затоа има фонд во кој вработувачите издвојуваат средства во висина од 0,2 до 0,5 проценти од платата што им ја исплаќаат на вработените, кои подоцна служат за обесштетување на работникот доколку се повреди или на неговото семејство доколку тој почине.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека институцијата со која раководи, и Владата во целост, се и остануваат посветени на унапредувањето на здравјето и безбедноста при работа, а за тоа, како што истакна, говори и нотираниот напредок во комуникацијата и реализацијата на социјалниот дијалог, а особено и огромен напредок во социјалниот дијалог и колективното договарање во приватниот сектор.

- Тоа е доказ дека Република Македонија граби кон европските трендови и стандарди, а со тоа и кон унапредувањето на здравјето и безбедноста при работа. Ние како Влада и натаму ќе продолжиме да го третираме здравјето и условите при работа како еден од врвните приоритети, рече Ристовски.

Според него, годинава во Македонија биле извршени 9.000 инспекциски надзори во оваа сфера и притоа биле констатирани 3.000 недостатоци, а изрешени над 260 забрани за работа, без разлика, како што истакна, дали станува збор за државна институција, приватна компанија или општина.

Претседателот на ССМ Живко Митревски е согласен со ставот на министерот за труд и социјална политика дека во изминатиот период е направено многу во оваа сфера.

- Посветеноста на ССМ заедно со социјалните партнери, вклучително со Министерството за труд и социјална политика и Организацијата на работодавачи, дава резултати. Безбедноста и здравјето при работа треба да биде континуирана активност. Тоа не е прашање кое треба да се разгледува само во рамки на екстремните летни или зимски температури, туку за тоа треба да се води грижа во континуитет за обезбедување нормални здрави и безбедни услови за работа, рече Митревски.

Тој додаде дека сите во државата имаат одговорност да се создадат ваквите услови, од државата одговорна за донесување регулатива и надзор на имплементацијата, до работодавачите кои таа регулатива треба да ја применат.