Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија донесе две одлуки кои се однесуваат на поддршка на земјоделството и трговијата во поглед на поддршка на извозот и промоцијата на земјоделски производи, како и поддршка на земјоделците преку продолжување на рокот за поднесување субвенции за 2012 година, исплата на субвенции за 2011 година за земјоделците на кои им биле одбиени барањата заради неплатен долг кон државата, и поддршка на оризопроизводителите.

1. Најзначајни партнери на Република Македонија во трговијата со земјоделско-прехранбени и рибни производи во 2011 година се земјите од ЕУ и земјите од ЦЕФТА 2006, каде е скоцентриран 87,2% од нашиот извоз, или поединечно Србија со учество од 19,7% од извозот, и Грција со 19,2%, Белгија со 17%, Германија со 15,6%, Бугарија со 11,5% и Италија со учество од 9,8%. од вкупниот извоз во ЕУ.

Анализите покажаа дека извозот на најзначајните македонски земјоделско-прехрамбени производи е тесно лимитиран со дестинациите на кои овие производи завршуваат, што го прави извозот ранлив на негативните движења на овие пазари. Надминување на овој хендикеп е една од определбите на Владата на Република Македонија.
 
Владата одлучи да биде обезбедена финансиска и логистичка поддршка за промоција на националните брендови на нови алтернативни пазари (Русија, Кина, Европа итн), кои имаат огромен потенцијал за апсорбција и преставуваат брзорастечки пазари поради големиот број на потрошувачите, постојаното зголемување на куповната моќ и резистентноста на економиите на светската финансиска криза.

Владата ќе финансира организиран настап на македонските компании на најреномираните и најпознатите светски саемски манифестации и ќе ги финансира трошоците за закуп на саемски простор, изработка на заеднички национален павилон, тематски штандови, покривање на националното презентирање со подготовка на промотивни материјали и активности.     

Изборот на саемските манифестации е направен во координација со Здружението на производители и извозници на вино - Вина од Македонија, Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук, Македонско руската стопанска комора, економските промотори и индивидуални извозници на земјоделски производи од Македонија.   

Тоа се следните саемкси манифестации:         
1. WINEXPO - 2013 China (Guangzhou) International Wine & Spirits Exhibition- летна сесија (Summer Section), која  се одржува од 10-12 мај 2013 година во градот Гуанџоу, чија поволна позиција ги комбинира предностите на делтата на Pear River, Хонг конг, Макау и Тајван и 10 други земји од АСЕАН
2. China (Beijing) International Wine and Spirits Fair (или алтернативно промоција на македонските вина во Пекинг, настан организиран во соработка со Македонската амбасада во НРК)
Саемот се одржува од 4-6 ноември и е организиран од Министерството за трговија на НРК, Кинеската комора за извоз и увоз на прехрамбени проекти, Terroir Oriental Wine Culture Co како водечка компанија за промовирање на вина и акохолни пијалоци.  
3.Саем за пијалоци ПРОДЕКСПО Русија 2013, кој се одржува секоја година од 11-15-ти февруари, на кој со свои штандови присуствуваат над 3000 компании од над 70 земји.
4. WORLD FOOD (МИР ПИТАНИЕ) Русија 2013, саем за свежо овошје и зеленчук, кој се одржува секоја година од 16-20 септември, на кој присуствуваат претставници на над 1500 компании од 63 земји од светот.
5. Саем Ануга, Келн Германија, кој е најначаен саем во светот на храната, се одржува на секои две години а за 2013 година истиот ќе биде организиран од 5-9 октомври. Во терминот на одржување на саемот преработувачите вообичаено ги потпишуваат договорите за извоз со странските купувачи и тоа во голем дел токму на овој саем.
6.Фрутлогистика, Берлин Германија, која е најзначајната меѓународна саемска манифестација за свежо овошје и зеленчук во Европа која се одржува од 6-8 Февруари 2013 година. Учесници се деловни суб
јекти кои се бават со производство, увоз, извоз, продажба на големо, дистрибутери, супермаркети, компании кои обезбедуваат пакувања, логистички решенија за овошје и зеленчук, компании кои обезбедуваат инпути за производство и заштита, институции и асоцијации.

7. Покрај учество на овие саеми Владата финансиски ќе подржи и промоција на македонското вино на таргетирани пазари во ЕУ - Полска, Холандија, Швајцарија и Словенија, како избрани дестинации на европскиот пазар кои имаат голема апсорбциона моќ, а на кои македонското вино не е доволно застапено или има зголемена конкуренција поради што е потребно задржување на веќе постигнатото ниво. Активностите се планирани да се реализираат во соработка со националното здружение Вина од Македонија во периодот јануари-декември 2013.

Владата ќе финансира и изработка на маркетинг платформа за препознатливост на Република Македонија како винска земја, и за квалитетот на градинарските производи и овошјето на светските пазари. Ќе бидат финансирани изработка на визуелни симболи, видео клип и маркетинг концепт на кој ќе се базира настапот на странските пазари, со тоа што истиот ќе треба да се разликува по извозни дестинации и за различните земјоделски производи. Пред одржувањето на промотивните настани ќе се обезбеди емитување на видео спотот за рекламирање на македонските производи и најава на македонското учеството преку влијателен медиум во земјите каде што се одржува настанот.

Целиот овој пакет систем дава одлични можности за промоција на македонските земјоделски производи на нови пазари, што ќе овозможи поддршка на извозот на истите, и поголем обем на извоз, како и повисоки цени и профит за конапниите.

2. Владата донесе и дополна на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2012 година. Со неа се дава можност за добивање на субвенции за сите лица кои биле одбиени за финансиска подршка за 2011 година заради неизмирени обврски кон државата. Владата им излезе во пресрет на овие субјекти и овие средства ќе бидат исплатени од Програмата за 2012 година, врз основа на оваа Уредба.
Висината на финансиската поддршка на земјоделските стопанства кои не го оствариле правото на директни плаќања вклучително и дополнителните плаќања и државната помош по мерки/подмерки од годишната програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2011 година поради одбивање на барањето исклучиво заради неподмирени обврски кон Министерството и Агенцијата, се пресметува врз основа на утврдената висина на директни плаќања во оваа уредба зголемена за вкупниот неисплатен износ на директни плаќања пресметан за земјоделското стопанство согласно Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2011 година.
Пресметаниот износ на финансиска поддршка согласно оваа уредба не се исплаќа на сметка на барателот доколку барателот ги нема намирено сите финансиски обврски кон Министерството и Агенцијата.
Во случај кога барателот ги има исполнето сите услови и критериуми утврдени во оваа уредба, а ги нема намирено сите финансиски обврски кон Министерството и Агенцијата, ќе се овозможи меѓусебно пребивање на ненамирените финансиски обврски со пресметаниот износ на финансиската поддршка од оваа уредба, по претходна согласност на барателот, Министерството и Агенцијата.
Во случај кога барателот не се согласува со пребивање ненамирените финансиски обврски со пресметаниот износ на финансиската поддршка од оваа уредба, барањето ќе биде одбиено.
Доколку пресметаниот износ на финансиска поддршка согласно оваа уредба по барател е во повисок износ од износот на ненамирените финансиски обврски кон Министерството и агенцијата, по извршеното пребивање Агенцијата разликата ја исплаќа на сметка на барателот.
Во случај кога барателот има ненамирено финансиски обврски кон Министерството и кон Агенцијата, прво се врши пребивање на долгот кон Министерството.

Владата одлучи да го продолжи рокот за поднесување на апликации за субвенции од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за дополнителни 10 дена и тој наместо до 20 ќе трае до 30 октомври. Така овие лица ќе имаат можност и време да ги поднесат своите апликации и да ја добијат субвенцијата за 2012 година, во кој влегува износот и од 2011 година, кој се добива на начин опишан во уредбата од погоре, но и сите други земјоделци кои досега не аплицирале за субвенции добиваат дополнителни 10 дена за поднесување, што значи една голема помош за нив.

Во насока на поддршка на оризопроизводителите и на нивно барање Владата одлучи покрај субвенција за сурова оризова арпа, да дава субвенција и за преработена оризова арпа, односно ориз кој претходно земјоделците го излупиле од арпите.