МЕПСО стави под напон нови осум километри од 110 кВ далновод Вруток-Полог-Тетово

АД МЕПСО денеска стави под напон новоизградени осум километри од 110 киловолниот далновод Вруток – Полог – Тетово. Со завршувањето на оваа делница денеска се пушта во погон 110 киловолтниот далновод што го напојува Тетово и неговата околина со електрична енергија од ТЕЦ Осломеј и од ХЕЦ Вруток.

За три месеци изградени се и ставени во функција нови челично – решеткасти столбови на 33 места на траса од осум километри. Новоизградениот дел од далноводот веќе е целосно функционален и поврзан преку постоечки вод со трансформаторската станица Тетово 1.

Од АД МЕПСО истакнуваат со ова дека се подготвени за престојниот зимски период кога се очекува зголемен конзум за електрична енергија во регионот на Полог. 

На завршните активности на реконструираниот далновод денеска присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за економија Ваљон Сарачини и генералниот директор на МЕПСО Дејан Бошковски.

- Зафатот на оваа делница е дел од спроведувањето на стратегијата за развој на енергетиката во Македонија. Она што е карактеристично е тоа што градежните работи ги изведува ЕМО од Охрид и тоа се прави со највисок квалитет. Инвестициите што ги прави ЕЛЕМ и најавените и спроведени инвестиции на МЕПСО се доказ за спроведувањето на енергетската стратегија на државата што ќе отвори и нови работни места, изјави вицепремиерот Пешевски.

Досега АД МЕПСО изгради и стави во функција 16 километри нов далновод на истата траса на која минува постоечкиот 110 киловолтен далновод. Напролет е планирано целосно завршување на последните 38 столбни места од третата секција каде во зависност од условите можат да се изведуваат градежни или електромонтажни работи.

Со ставањето во погон на двата системи на овој далновод се очекува долгорочно да се решат  потребите со снабдување со електрична енергија на Тетово и околните населени места, да се подобри доверливоста на системот и напонските прилики со што ќе се намалат и загубите на електрична енергија на преносната мрежа. Вкупната должина на овој двосистемски далновод е 33 километри, ќе бидат поставени вкупно 133 челично-решеткасти столбови, а инвестициската вредност на проектот е 3 милиони евра.

- Станува збор за прва реконструкција на постоечкиот 110 киловолтен далновод што е во функција речиси 60 години. Досега се завршени 16 километри од новата траса и според најавите целиот далновод ќе биде готов и ставен во функција до средината на 2013 година, најави министерот Сарачини.

Полог е регион со најбрз раст на конзумот за електрична енергија во Македонија, а воедно е регион со најголема просечна старост на водовите од преносната мрежа со која оперира АД МЕПСО. Со овие инвестициски зафати чија вредност надмунува 11,8 милиони евра, АД МЕПСО ќе обезбеди долгорочно и континуирано снабдување со електрична енергија и стабилност на електроенергетскиот систем за Тетово и неговата околина.